Уставниот суд пред „големо проветрување“, заминуваат тројцата претседатели во последните осум години

424

Собранието наскоро треба да избере тројца нови уставни судии, но од Комисијата за избори и именувања велат за „360 степени“ дека сѐ уште нема предлози за пополнување на функциите што ќе се испразнат до крајот на овој месец

На една третина од досегашните членови на Уставниот суд им завршува мандатот на крајот на овој месец, поточно од функцијата заминуваат тројца судии што беа избрани во 2012 година. Меѓу нив е и актуелниот претседател на судот Сали Мурати, додека другите двајца се неговите претходници Елена Гошева, која беше на чело на Уставниот суд од 2013 до 2016 година и нејзиниот наследник Никола Ивановски, кој беше претседател до 2019 година, со оглед на ротирачкото претседателство во судот на секои три години.

Според тоа, Собранието наскоро треба да избере тројца нови уставни судии, но од Комисијата за избори и именувања велат за „360 степени“ дека сѐ уште нема предлози за пополнување на функциите што ќе се испразнат до крајот на овој месец. Сепак, и во случај да задоцни изборот на нови судии, Уставниот суд, со шест члена, сѐ уште ќе може да заседава и да одлучува.

Кон крајот на годинава истекува и мандатот на уставниот судија Јован Јосифовски, кој беше избран на функцијата на т.н. црн понеделник во парламентот – на 24 декември 2012 година, откако тогашната опозиција беше исфрлена од собраниската сала за да се донесена буџетот за 2013 година. Со тоа, судијката Валентина Маркудова, чиј мандат завршува следната година, ќе остане единствената од составот на Уставниот суд кој во периодот 2015-2016 година, пред смената на власта во земјава, се соочи со низа протести, меѓу другото, и поради одлуките што ги носеше во врска со некогашното СЈО и со колективната аболиција што ја даде поранешниот претседател Ѓоре Иванов за масовното нелегално прислушување и за случаите што произлегоа од него.

Членовите на Уставниот суд имаат мандат од девет години, без право на реизбор. Според Уставот, тие се избираат од редот на истакнати правници, со најмалку 61 глас во Собранието, додека за кандидатите од немнозинските заедници е потребно и Бадентерово мнозинство. Тоа беше причината поради која кон крајот на минатата година се одолговлече изборот на Добрила Кацарска за уставна судијка, поради проблемите со кворумот со кои се соочува овој собраниски состав.

Во последниот период Уставниот суд донесе неколку одлуки, кои наидоа на негативен одек во јавноста, како што беше случај со одлуката со која судиите си изгласаа додатоци на плата во висина до 35 отсто од месечната плата.

Судот имаше полни раце работа во текот на минатата година, за време на техничката влада на Оливер Спасовски, чии уредби со законска сила постојано беа испраќани на оценување.

Сепак, повеќето уредби добија позитивна оцена на „тестот“ на уставноста, освен некои, како што беше на пример уредбата со која сите избрани, именувани и назначени лица во јавниот сектор – пратеници, шефот на државата, министри, градоначалници, но и судии и обвинители, се ставаат на минимална плата од 14 5000 денари за април и мај, поради ковид-кризата.

Минатиот месец Уставниот суд, исто така, се најде во фокусот на јавноста, кога покрена постапка за оценување на уставноста на Законот за банки, по иницијатива на оштетени штедачи во Еуростандард банка.

Спонзорирано