Уште има надеж за компромис за СЈО, ама без скриена амнестија

961

Премиерот Зоран Заев е оптимист дека е можно деновиве, пред објавување на извештајот од ЕК, да се постигне решение за статусот на СЈО. Министерката за правда Рената Тренеска Дескоска, пак, е повоздржана. Таа информира дека сѐ уште не е закажано нова средба,  посочувајќи дека многу работи во нашата држава се решавале во последен момент така што, потенцира, се е можно.

– Мислам дека можеме овие денови, пред објавување на извештајот на 29 мај, да го заокружиме овој процес и двете условно кажано страни  во преговарачкиот процес да објават дека е постигнат договор, изјави Заев.

Тој додаде дека знае оти во одредени моменти има приближувања, па, како што рече, за некои детали ќе застанат, но процесот, оцени, се движи кон успешна завршница.

–Извештај ќе биде позитивен, но не би требало да оставиме како држава каков било аргумент на Европскиот совет, кој е претставен од земјите членки. Да не дозволиме да имаме каква било дамка или причина за кој било да одолговлекува, порача премиерот.

Министерката Дескоска изрази надеж дека ќе успеат да изградат консензус со почитување на принципите кои се зададени од ЕУ, а се многу битни за градење на владеење на право во нашата држава.Таа верува дека созрева свеста кај сите политички партии дека она што значи барање за амнестија не смее и не може да помине.

– Нашето инсистирање  да бидат застапени сите принципи на владеење на право, а тоа значи да нема никаква можност за скриена амнестија е принциипот од кој не смееме и не можеме да отстапиме бидејќи закон што ќе содржи квалитетни решеније соодветни на стандардите на ЕУ, е закон што ќе биде позитивно оценет, истакна Дескоска.

За истрагите што ги води СЈО, министерката информира дека се разговара околу користење на постојната законска рамка, решенијата кои се во сегашниот закон за СЈО, во Законот за кривична постапка и решенија кои произлегуваат од праксата.

– Ние имаме веќе судски случаи во кои има користење на прислушувани или снимени материјали, кои се  користени во други предмети кои не се поврзани со СЈО и тоа е во согласност со други закони. Тука се водат тие дебати, појасни таа, додавајќи оти можни се решенија во кои реално судиите се тие што ќе ги решат прашањата околу истрагите и доказите.

Спонзорирано