УШТЕ 10 ЛИЦА ОСОМНИЧЕНИ ЗА СЕКСУАЛНА ЗЛОУПОТРЕБА И ЗА ИЗГОТВУВАЊЕ НА ПОРНОГРАФСКИ МАТЕРИЈАЛ

334

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, врз основа на прибраните докази во текот на истражната постапка ја прошири постапката против десет лица.
Како што информираат од Јавното обвинителство шестмина се осомничени дека сториле кривично дело: трговија со дете од чл.418-г ст.3 од КЗ, двајца се товарат за сторено кривично дело: полова злоупотреба на немоќно лице од чл.187 ст.2 в.в. со ст.1 , а уште двајца за: производство и дистрибуција на детска порнографија од чл.193 ст.3 од КЗ.
„Во јануари годинава, предметниот обвинител донесе наредба за пет лица кои сексуално злоупотребувале малолетничка и изготвувале порнографски материјал. По преземените дејствија во текот на истражната постапка, јавниот обвинител прибави цврсти докази врз основа на кои во соработка со Националната единица за сузбивање криумчарење мигранти и трговија со луѓе при МВР денес спроведе акција. Извршени се претреси на повеќе локации во Велес и на по една локација во Скопје и Тетово, притоа лишени се од слобода девет лица, додека еден осомничен се наоѓа надвор од државата“ се вели во соопштението лиферувано од Обвинителството и во кое стои дека се уште постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесници ќе ја попречат истрагата, како и стравот ако се бранат од слобода дека ќе го повторат делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување на мерка притвор за осуммина осомничени и мерки на претпазливост за две лица осомничени за производство и дистрибуција на детска порнографија.

 

Спонзорирано