ТРИФУН КОСТОВСКИ ЗА ИСТРАЖИТЕЛ!

694

И додека Обвинителствто повеќе од една година води некаква истрага, поранешниот скопски градоначалник тоа го направи за експресно кратко време, само се прашувам дали во неговиот извештај се спомнуваат и милионите кои доаѓале пари од Венецуела

Љубиша Станковиќ

Само малку време беше потребно за да се изнаслушаме и изнагледаме скандали во правосудството.
Настани и случувања коллу сакаш, ама медиумски, дефинитивно, најинтересен е оној кој се однесува на „Еуростандард банка“ и нејзинот претседател на Надзорниот одбор, во јавноста познат како поранешен градоначалник на Скопје, Трифун Костовски.
Имено, Костовски, после се’ што се што се случи со неговата пропадната банка, одлучил да поведе сопствена истрага. Резултатите од истрагата, се разбира, одат во прилот на нарачателот, што ќе рече сите се виновни само не и луѓето кои ја воделе банката. Обвинувањата, стокмени во приватната истрага на Костовски, се испратени на повеќе адреси и ако барем малку им се верува на наодите тие треба да бидат проверени. Она што зачудува е фактот дека за „Еуростандард банка“ се’ уште се води истрага, иако таа трае повеќе од една година, ама затоа, пак, Костовски успеал соствената истрага да ја заврши во најкраток можен рок! Да не беше бизнисмен и банкар Трифун Костовски ќе требаше да го вработиме во Јавното обвинителство, бидејќи човекот покажува невидена вештина и брзина во водењето на истраги. Шегата на страна, мислам дека сето она што Костовски го соопшти како резултат од неговата истрага само може му донесе нови проблеми и главоболки, а може и да му се одрази и на прогонот кој и онака се води за него?!
Не ми е познато кој го советува Трифун Костовски, ама мислам дека тоа го прави лошо. Впрочем, да имаше добар советник тој требаше да му каже дека токму тој, како прв човек во Надзорниот одбор, требало да знае какви одлуки носат членовите на Управниот одбор за да не му се случи нов скандал каков што е оној со милионите од Венецуела. Да бидам малку појасен: немам ништо против што за спас на Банката пари се барале во Венецуела. Тоа е сосема во ред, ама за такво нешто требало да знаат сите кои посредно или непосредно се врзани со работењето на „Еуростандард банка“.
Тоа што парите доаѓале од Венецуела не мора ништо да значи. И САД кои имаат крајно влошени односи со таа земја (немаат ни амбасада во таа држава – з.а.) побараа нафта од Венецуела. Искрено, не сакам да верувам дека менаџментот на Банката сакал/планирал да пере туѓи пари, но ако се утврди такво нешто тогаш и Трифун и неговиот син и уште некои други ќе имаат сериозен проблем.
Без намера да прејудицирам настани, сепак мислам дека Костовски ќе биде обвинет за овој случај. Зошто? Затоа што во „Еуростандард банка“ (не)посредно се вклучени и структури блиски на судската фела, како што е тоа случајот со сопругот на актуелната претседателка на Судскиот совет на РСМ, Павлина Цветковска. Не велам дека кредитот којшто го земал сопругот на Црвенковска е на незаконски или не знам каков друг начин. Наротив! Човекот аплицирал, а Банката му одобрила и што е најбитно сето ова се случувало кога Црвенковска е била на функција, на која што е сега. Но, сега, кога се знае дека член на нејзиното потесно семејство должи 1,6 милиони евра, баш би сакал да го видам тој судија кој ќе пресуди дека парите треба да и’ бидат вратен на Банката и дека Трифун Костовски е невин. Во една таква, претпоставена ситуација, секој судија ќе се сети кое тело именува и разрешува судии. Но, ајде да не се истрчуваме со претпоставки и да се држиме до онаа: „Времето ќе покаже!“
Нема дилеми дека вториот голем настан кој се одигра изминативе денови се однесува на жалбата на обвинителката Вилма Русковска, односно на отфрлањето на истата таа жалба од Советот на јавни обвинители. Искрено, не знам што Русковска напишала во жалбата, ама бев убеден дека Советот ќе застане зад државниот Јавен обвинител и ќе ја отфрли. Не верував дека Советот на јавни обвинители ќе застане зад свој колега, дека ќе го поддржи и дека ќе му даде нов поттик да ги истера до крај двата „спорни“ предмети на кои работела шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал…..Само, кога ќе ми текне за кого се’ решавал тој Совет на јавни обвинители и кога ќе се присетам на нивните одлуки ми доаѓа мачнина.
За крај само сакам да кажам дека ја поздравувам одлуката на министерот за правда да не се инволвира во скандалите кои го тресат правосудството!
Верувам дека тоа исправна одлука, бидејќи случувањата не се во неговиот ресор, а и доколку би се вмешал некој може да го обвини за вршење на притисок врз институциите. На крајот на денот, доколку и се вмеша не верувам дека некој ќе го сфати сериозно после Палермо и „јавнот укор“ кој му го изрече Владата.

Спонзорирано