Три лица обвинети за производство и продажба на марихуана

321

Основното јавно обвинителство – Скопје, по спроведена истрага, поднесе обвинителен акт против три лица за кривично дело: неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Според обвинението, двајца од обвинетите, како соизвршители, неовластено произведувале и држеле наркотична дрога – марихуана, а за таа цел, едниот од нив ги ставил на располагање дворот и просториите од семејната викенд-куќа во Визбегово. Тие двајцата ги прилагодиле просториите за одгледување на канабис, а засадиле и нови стебла.
„Вториот обвинет, при претрес на 24. септември, оваа година, бил затекнат во дворот од куќата во момент кога ги кастрел цветовите од стеблата и ги мерел по тежина за натамошно пакување. На локацијата биле пронајдени 15 растенија канабис со поединечна висина од 19 до 80 сантиметри, девет свежо искршени гранки со лисја и врвни делови, 20 искршени и делумно соголени гранки со лисја и вршунки канабис, како и дигитална вага“, се вели во соопштението на Обвинителството и притоа се појаснува дека во домот на третиотобвинетиот, на улица „Христо Смирненски“, биле пронајдени и одземени 99,72 грама марихуана, 33 семки од растение од растителниот род канабис и 2,8 милилитри хашиш смола во два шприца.
Поради опасност од бегство и можност да го повторат делото, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за тројцата обвинети.​

Спонзорирано