Судскиот совет нема да поведе постапка против Кацарска за наводно влијание

1161

Судскиот совет нема да поведе постапка за утврдување одговорност против судијката Добрила Кацарска од Кривичниот суд – Скопје 1, по изјавата на обвинителката Лиле Стефанова, како сведок во случајот „Рекет”, дека судијката вршела притисок врз неa за предметот „Империја”.
„Заради заштита на личноста и интегритетот на судиите, Судскиот совет, во врска со поднесеното барање од судијата на Основен кривичен суд – Скопје Добрила Кацарска, кое се однесува на дадениот исказ во својство на сведок од страна на јавниот обвинител на Основно јавно обвинителство – Радовиш Лиле Стефанова, во постапката по предметот со кодно име „Рекет“, ја известува јавноста дека пред Судскиот совет досега не е поведена постапка за утврдување одговорност, ниту пак е поднесена претставка против судијата Кацарска за конкретниот случај“, се вели во соопштението на Судскиот совет.
Претседателот на Судски совет, Киро Здравев, во понеделникот изјави дека на 31 јануари до советот е испратено барање од Кацарска за утврдување нејзина инволвираност во овој предмет. Според Здравев, оваа е првпат судија да бара покренување постапка за утврдување одговорност.
Стефанова, како обвинителка во СЈО, го водеше случајот „Империја“, во кој првоосомничен е бизнисменот Орце Камчев, кој, пак, се јавува како пријавувач на случајот „Рекет“, во кој е обвинета и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.

Спонзорирано