СУДСКА ФЕРИЈА, ПЛАЦЕВИТЕ НА ГРУЕВСКИ И ПРИТВОРИТЕ НА МИЈАЛКОВ И КАМЧЕВ

2019

Утре почнува познатата „судска ферија“, а само ден подоцна и судењето за плацевите на Водно за кои ќе одговараат и Сашо и Орце и мајка му Ратка, кумот Ристо Новачевски, само не и Никола Груевски!

 

Љубиша Станковиќ

Денеска е денот на Француската револуција, утре е денот кога и формално заопочнува судската ферија, а веќе в петок е денот кога ќе треба да почне судењето за предметот „Плацеви на Водно“!
Од сите навадени „празници“ некако најсвечен е оној кој се однесува на „колективниот одмор“ на судиите. Ова претпоставува дека судот ќе работи само за притвори и за носење на мерки кои се врзани со временски рокови.
Е, во таков еден период во скопска „единица“ ќе се суди притворски предмет наречен „Плацеви на Водно“.
Значи судењето е тука, обвинетите исто така, само ќе недостасува Никола Груевски, вистинскиот сопственик на двата предметни плаца на падините на Водно за кои, како што можевме да слушнеме, можело да се купат во слободна продажба за „џабал’к“ или за само неколки милиони евра. Всушност, она што е најинтересно, а се однесува на овој случај е тоа што за плацевите ќе одговараат Ристо Новачевски, кум на Груевски од неговиот прв брак, потоа Орце Камчев и неговата мајка и најблискиот му соработник Ненад Јосифовиќ, како и Сашо Мијалков, но токму Камчев и Мијалков, за разлика од другите, на судење ќе доаѓаат од затвор.
Иако се стекнува впечаток дека овој случај како да го следат одредени недоследности, но тоа не им го менува статусот ниту на Мијалков, ниту на Камчев.
Она што јас би им го замерил не се однесува на „поседување“ на плацевите, туку тоа што, ако веќе знаеле дека Груевски ги присвојувал за себе парите што се слевале на партиските сметки, требало да реагираат, а не да му дозволат со тие и такви пари да купува плацеви по Водно.
Од оваа времесна дистанца изгледа смешно тоа што Мијалков нуди пари во замена за укинување на мерката притвор којшто му е одреден поради трговијата на неговиот братучед.
Чинам дека Мијалков понуди некаде околу 11 милиони евра, а Груевски еден збор не кажа за да го заштити. Да беше Груевски фраер ќе напишеше нешто со што ќе потврдеше дека Мијалков нема ништо со неговиот случај, но такво нешто не се случи.
Можеше Груевски да каже нешто и за Орце кој, пак, застана зад него и со фирма и со сопственост на тие 11.000 метри квадратни, но, се чини дека и него како да го пушти низ вода?  

Си молчи Груевски! Сега ќе чека да почне судењето, а тој ќе напише дека тоа е политички прогон и дека токму тој е жртвата, иако е на илјада километри подалеку и од судот и затворот.
На страна тоа што и самиот имам „нерасчистени односи“ со мојот некогашен газда, но тоа не ме спречува да го искоментирам сето она што се врзува за него и за овој случај!
Како прво, мислам дека ангажирање на „армија“ адвокати не мора да значи дека Камчев ќе има исклучително квалитетна одбрана. Ова не поради нестручноста на адвокатите, туку напротив, поради метежот што ќе се создаде кога ќе дојде време да се презентира стратегијата на неговата одбрана. Не знам зошто, ама очекувам какофонија. Друг битен момент е тоа што Камчев веќе не мора да лицитира со милионски суми во замена за куќен притвор. Верувам дека јавноста се сеќава дека за него и Обвинителството даде позитивно мислење, но Камчев мораше да покаже малку повеќе сериозност. Игранките со Боки 13 и Катица Јанева се завршени, како што е завршено и со луѓето кои застанаа зад него. Тие се „потрошени“, а тој тоа никако не може да го сфати и прифати…

Морам да признам, (се разбира, доколку е точно), дека тоа што Сашо Мијалков веќе не лицитира со пари во замена за негово ослободување од притвор, туку остава самите државни институции да одлучат за него ме фасцинира!
А кога веќе ги споменав државните инситуции на мислење сум дека тие можат да побараат гаранции во милиони евра, во фирми, во хотели, а ако некој планира да бега – нека бега! Се друго останува тука…
Ферија е! Судска ферија е!

П.С.

На самиот почеток беше спомната француската револуција. Асоцијата се однесува на правдата која во тоа време била задоволувана, најчесто со гилотина!

Спонзорирано