Советот на обвинители следната седмица ќе расправа за Јанева

823
Седницата на Советот на јавни обвинители на која треба да започне постапката за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ќе биде закажана од понеделник бидејќи не биле доставени комплет списите кои се побарани. Ова го најавил претседателот на Советот на обвинители Коле Штерјов во изјава за МИА, а откако во оваа институција денеска пристигнал извештајот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за сите досега преземени активности во врска со случајот „Рекет“. Меѓу нив за мерката притвор што и беше одредена на  Јанева, која е третоосомничена во случајот.

Обвинителството, кое го предводи Вилма Русковска, во извештајот направи преглед на настаните и преземените дејствија во врска со досегашните мерки за „Рекет“, за кој осомничени се и Бојан Јовановски и Зоран Милески.

Обвинителката мна СЈО  Лиле Стефанова, пак,  која го води случајот „Империја“, денеска во врска со тоа дали е можно назначување на в.д. шеф на СЈО, рече дека Законот за јавно обвинителство, кој важи доколку некои одредби не се веќе определени со Законот за СЈО, има повеќе решенија.

– Има решение за поставување на вршители на должност, решение за поставување на обвинител кој го заменува отсутниот или спречениот јавен обвинител. Сепак, тоа се ингеренции на Советот на јавни обвинители и да го оставиме да си донесе одлука. Како што разбрав, веќе се во процедура и ќе видиме што ќе донесат, изјави Стефанова.

Таа себе си не се гледа како иден шеф на СЈО и нема намера да конкурира.

Стефанова изјави дека СЈО во овој момент се наоѓа во една од најтешките состојби од своето основање и упати апел до политичарите и сите чинители во државата да седнат и да го донесат законот за Јавно обвинителство за да немаме прекини на постапките.

Амбасадата на САД во Скопје целосно ја поддржува одлуката на обвинителството да ги испита сите наводи за корупција и да ги гони како оправдани, засновани врз законот и веродостојни факти.

„Секој за кој се тврди дека ја злоупотребил довербата на јавноста мора да биде одговорен“, велат од Американската амбасада за „360 степени“.

За САД важно е да се потенцира дека Специјалното јавно обвинителство игра важна улога во напорите на Северна Македонија да ја покаже посветеноста на земјата за независно судство и одговорност за минатите криминали и корупција.

„Ова ќе осигура дека Специјалното јавно обвинителство може да продолжи со својата важна работа и да продолжи да ги следи своите случаи без прекини, што пак ќе и помогне на Северна Македонија како што напредува во интеграција кон НАТО и Европа“, велат од Амбасадата на САД во Скопје.

Спонзорирано