И додека со самопризнание некои од обвинетите во предметот „Титаник“ бараат од судот да ги казни со условни казни, Груевски „распали“ по своите некогашни соработници како, небаре, да му се најголеми непријатели
Љубиша Станковиќ
И после цела една недела се уште не можам да поверувам дека „главните лица“ во предметот наречен „Титаник“ се одлучија да си ја признаат вината и само врз основа на ваквото признание да побараат од судот да им изрече условни казни!
Немам никаква намера да прејудицирам каква било одлука, како што немам намера да влијаам врз одлуката на обвинетите и нивното законско право да се бранат така како што тие мислат дека е најдобро за нив, но некако не ми влегува во глава тоа што тие на ваков чекор се одлучија после цели пет години судење (овој предмет започна да се суди во 2018 година – з.а)!
Не ми е јасно зошто се чекало да поминат толку години па да дојде до признание на вина, ако се знае дека овој судски процес беа распрашани повеќе од 150 сведоци и беа одржани повеќе од 100 судски рочишта и дека некаде кон средината на минатата година имаше и рестарт?
За мене е сосема легитимно тоа што обвинетите бараат условни затворски казни за делата за кои се товарат, но ако тие, пред пет години, беа осудени и на ефективен затвор досега ќе ги одлежеа казните. Да не бидам погрешно разбран: јас никого не осудувам, туку говорам за една хипотетичка ситуација, воден од тоа дека, доколку судот навистина им изрече условни казни, тоа не значи дека некои од тие казни нема да бидат реализирани, бидејќи има обвинети кои чекаат пресуди и во други предмети, а во кои може да се иарече и ефективен затвор?! Сакам да кажам дека во една ваква претпоставена ситуација и она што било „услов“ преку ноќ ќе стане „ефектива“!
Но, без оглед на тоа каква казна ќе изрече судечкиот совет, она што ќе остане е „пресудата“ која на обвинетите им ја изрече Никола Груевски, секако, од далеку и од, за него безбедна локација, иако тој во „Титаник“ беше првообвинет. Мене не ми е познато од каде знае Груевски дека неговите поранешни најблиски соработници биле уценувани, но факт е дека тој не е тука и затоа не може да го тврди она што го тврди. Впрочем, тој беше тука кога ова судење започна и ако навистина бил невин требаше да остане и на суд да ја докажува својата евентуална невиност.
Ако Груевски не го заменеше Скопје за Будимпешта можеби јавноста ќе слушнеше како тоа него го изиграле Миле Јанакиески, Мартин Прутугер или Гордана Јанкулоска. Самиот Груевски ќе посведочеше како споменатите ја краделе изборната волја на граѓаните, а како тој за тоа немал поим? Ова претпоставува дека тој, како премиер и лидер на владеачката партија, не знаел што му работат најблиските соработници и дека така неинформиран тој постојано си победувал на кои било избори?
Верувам дека обвинетите не лажат кога кажуваат дека имал кражби на изборите, како што сум убеден дека Никола Груевски она што било пораз, токму поради кражбите на изборите, тој го прикажуваше како негов личен триумф.
Иако, навидум, имаме малку нејасна ситуација, сепак, не можам да поверувам дека Груевски ќе влезе во расправија со оние кои „лежат“ во затвор поради него. Тој толку лошо ги обвини што на обвинените не им треба обвинител, а „заклучоците“ што ги изведува некако се како ефективни, затворски пресуди!
Груевски единствено е во право кога зборува за поднесување жалби до „меѓународен суд“, но за да дојде до такво нешто ќе минат многу години, а луѓето, иако обвинети, веројатно не планираат животот да го поминат зад ѕидините на „Идризово“, бидејќи оттаму не се гледа ниту Вардар, а не, пак, „убавиот син Дунав“.