ДЕСЕТ ЛИЦА ОБВИНЕТИ ЗА ПУСТОШЕЊЕ ШУМА

488

Гостиварското Основно обвинителство поднесе обвинителен предлог за десет лица кои ги товари за продолжени кривични дела: пустошење шума, кражба и измама.
Според наводите на обвинението, сега обвинетите, во 2017 и 2018 година, во повеќе наврати, во атарот на селото Падалиште, исекле поголемо количество дрва од туѓа шума, со што ја опустошиле шумата. Имено, за само две години тие бесправно исекле 254 букови стебла. Буковите дрва за огрев ги складирале во своите дворови, а оттаму ги транспортирале до купувачи. Со бесправната сеча групата обвинети го оштетиле Јавното претпријатие „Македонски шуми“ за 724.500 денари или за околу 12.000 евра.
Еден од обвинетите сторил и кривично дело измама, така што на 21. септември 2018 година, од претходно противправно исечените огревни дрва му продал на еден гостиварец, доведувајќи го во заблуда дека дрвната маса потекнува од легална сеча, а тој за нив платил 14.700 денари. По откривањето на нелегачната сеча, полициски службеници ги одзеле дрвата со потврда за привремено одземени предмети.​​

Спонзорирано