СЈО ќе стане ЈО за организиран криминал и висока корупција

382

На чело на новото обвинителство е предложена Вилма Рускоска, која во моментов го води Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција

Следната недела владата ќе достави во Собранието нов текст на законот за јавно обвинителство, во кој, како што соопшти премиерот Зоран Заев, во однос на статусот на СЈО, се вградени оние точки за кои е разговарано со опозицијата и со сите пратенички групи.

Со најавата за новото законско решение, Заев, всушност, одговори на најавеното отсуство на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на лидерската средба во Клубот на пратеници, која поради тоа и беше откажана.

Заев, потоа, на прес-конференција го промовира новото законско решение.

Со него, како што рече Заев, се предлага Специјалното јавно обвинителство да се интегрира во досегашното Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Новото обвинителство ќе се преименува во ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција, со надлежност на цела територија на земјата и гаранции за самостојно дејстување, кое одговара на сегашната позиција, а сепак е во хиерархија и субординација на Јавното обвинителство на Северна Македонија. На чело на новото СЈО е предложена Вилма Рускоска, која во моментов го води Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција.

Сите обвинители од СЈО ќе продолжат да работат во новото обвинителство. Нивниот мандат истекува на 15 септември, а тие имаат право на реизбор, ако сакаат да се кандидираат.

– Во законодавниот дом ќе отвориме дијалог со сите политички партии и пратенички групи во Собранието, каде што е местото. Текстот што ќе биде предложен ги вградува оние точки за кои досега сме разговарале со опозицијата  – рече Заев.

На овој начин, вели премиерот, ќе се обезбедат досегашната структура и ресурси на СЈО во нова форма и без каква било можност политичарите да одлучуваат за составот и раководството. Тие одлуки ќе ги носи Советот за јавни обвинители.

Сите случаи кои се пред судовите, а се во надлежност на СЈО ќе ги застапува новото обинителство во фазата во која се застанати. Останатите вработени во СЈО, истражителите, архивата, материјалите, средствата, опремата преминуваат во новото обвинителство.

Висината на средствата за работа на ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција ќе се уредува на предлог буџет и финансиски план на шефот на оваа институција, кој потоа се доставува до Министерството за финансии, а Владата и Собранието нема да можат да го менуваат предложениот финансиски план и се должни да обезбедат финансиски средства за непречена работа.

– Откако Катица Јанева ја депонираше својата оставка, не гледаме избор од опозицијата да избегнува разговори и договори за ова прашање, освен ако нема намера и натаму да и нанесува штета на државата и да заштитува нечиј криминал – рече Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека кога ќе го добијат ќе го анализира предлогот за ново законско решение за јавното обвинителство што го најави премиерот. Опозициската партија гледа со резерва на предлогот на Заев – новото обвинтелство за гонење организиран криминал и висока корупција да раководи обвинителката Вилма Русковска.

-Не можеме ништо да коментираме сѐ додека не го добиеме и формално предлогот за нов закон. Кога ќе го добиеме ќе го предадеме на анализа на правната комисија во партијата и на тимот кој учествуваше во разговорите за статусот на СЈО. Сѐ додека не го изанализираме новиот текст на закон што го предлага Заев, ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на подготовка на законот за СЈО што ние го најавивме – ни изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

За предлогот за нова шефица на новото обвинителство кон кое ќе се приклучи СЈО, Арсовски вели дека тоа е само желба на премиерот.

-Тоа е само желба на Заев. Очигледни се неговата желба и намера да се амнестира себеси и тие околу него, прикажувајќи ја притоа ВМРО-ДПМНЕ како кочничар на процесите – вели Арсовски.