СЈО бара казни и одземање на викендиците на Латас и неговите браќа

3221

Oбвинетите Драган Павловиќ Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан да бидат прогласени за виновни за бесправно градење побара обвинителката Елизабета Јосифовска,  во денешниот завршен збор за случајот на СЈО „Тревник“.,  Таа побара  да им бидат одземени и викендиците, што биле нелегално градени.

Обвинителката се повика на доказите и сведоците кои беа изведени во текот на постапката, докажувајќи дека тројцата браќа речиси ги изградиле викендиците, а дури потоа добиле одобренија за градба.

-Прашањето за кое расправаме во овој предмет е кога обвинетите започнале со реализација на нивната желба за изградба на куќите во Зелениково. Од доказите на обвинението произлегува дека тоа се случило пред да бидат обезбедени законските претпоставки за почеток со градба, односно далеку пред да имаат добиено одобренија за градење на објектите, рече Јосифовска.

Таа истакна дека, ако браќата граделе по добиените одобренија, тогаш успеале за само дваесетина дена да изградат сѐ, што е невозможно.

-Значи или станува збор за експресна брзина на градба, па во периодот од 24.01.2013 година кога се издадени одобренијата за градење до 14.02.2013 година, односно во период од само дваесетина дена, во зимски услови, куќите на Драган и Звездан Павловиќ се изградени од темел до кров и веќе се поставила водоводната и канализационата инсталација или објектите биле изградени многу порано пред добивање на одобренијата за градење. Сите досега изведени докази, упатуваат на вториот заклучок, истакна обвинителката.

Таа се повика и на неколку „бомби“ кои беа презентирани во текот на судењето, читајќи дел од нивната содржина:

-Освен за потребната документација што треба да ја обезбедат и да ја достават до општина Зелениково, обвинетите Драган и Звездан Павловиќ зборуваат и дека немаат одобрение за градење на објектите. Имено, обвинетиот Драган Павловиќ вели „Зеко ние ако до октомври не го завршиме ова после тоа имаме проблем бидејќи немаме дозвола за градба“ за потоа да додаде „…ние прво немаме средено. Ако ние до октомври не го средиме почињаат изборни кампањи и никој не не е… Никој заради нас нема да се пенали таму да го пљукаат и ние немаме дозвола за градба, може сабајле да дојде да те руши. Ти си свесен колку е озбилна ситуацијата“.

Во друг разговор, Латас му кажува на обвинетиот Срѓан Павловиќ „….мене ми е битно да го дадеме барањето за градба пред избори може тоа да го е….. градоначалникот заради тоа, затоа мора порано да завршиме со папирите…“

На крајот обвинителката побара обвинетите да бидат прогласени за виновни и да им бидат одземени викендиците. Оодбраната, пак, се повикува на тоа дека има голем број бесправно изградени објекти во нашата држава, во врска со кои не се поведени кривични постапки. Обвинителката одговори дека тоа во никој случај не може да биде основ за неказнување, ниту пак за оправдување на постапувањето на обвинетите во „Тревник“.

Инаку, случајот „Тревник“ не е единствен што СЈО го води прив новинарот и уредник Латас. Тој е обвинет и во предметот „Тотал“ за затајување на данок во висина од 121.414 евра преку правните лица „Тотал“ маркетинг” ДООЕЛ, „Тотал“ медија центар” и „Медијамакс” и 63.032 евра како физичко лице.

Спонзорирано