Основното јавно обвинителство Скопје започна кривична истражна постапка против едно лице за кривично дело: избегнување на плаќање акциза, според члел 279-б став1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, инаку 20-годишен жител на скопското село Љуботен, со намера да избегне целосно плаќање на акцизата на која е обврзан со Законот за акцизи, пред два дена, од непознато лице набавил акцизни тутунски добра без контролни маркици. Со намера да го продава тутунот на Бит Пазар тој го натоварил тутунот во возило „фолксваген голф“, но бил запрен од полициски службеници.
При контрола на возилото биле пронајдени 100 кутии од по 600 грама тутун со натпис на кутиите “GREECE SUPER KAMELIA VIRGINIA” и 100 кутии од по 600 грама тутун со натпис на кутиите “GREECE TOBACCO VIRGINIA” или вкупно 120 килограми фино сецкан тутун. За овие тутунски добра осомничениот избегнал и не платил акциза во вкупен износ од 162.000 денари.
Заради обезбедување на осомничениот во текот на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд – Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница.

Спонзорирано