Отфрлена кривична пријава за Елизабета Канческа-Милевска

840

Со кривичната пријава, освен екс-министерката, уште две други лица беа сомничени за несовесно работење во службата

 

Јавен обвинител од скопското Основно обвинителство Скопје донел решение со кое ја отфрлил кривичната пријава за екс-министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и за уште две други лица за кривично дело: несовесно работење во службата. „Станува збор за кривична пријава поднесена од Министерството за финансии-Управа за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, која подоцна беше доставена на надлежно постапување до Основното јавно обвинителство Скопје. Во пријавата беше наведено дека тројцата пријавени, во својство на министер за култура, заменик министер за култура и раководител на Сектор за финансиски прашања во Министерството за култура, во периодот од јули 2009 до февруари 2017 година, со пропуштање должен надзор несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности. Притоа, спротивно на чл.581 од Законот за трговски друштва, според кој странски друштва не можат да вршат дејност на територијата на државава се додека не организираат подружница, примиле времени ситуации-фактури од странски правен субјект, односно од ‘Светлост театар ДОО’, Белград, Република Србија“, велат од Обвинителството и појаснуваат дека во фактурите, незаконски, бил вкалкулиран данокот на додадена вредност од 18 проценти. На овој начин била извршена исплата во странство врз основа на 11 договори за извршување на услуги, стоки и работи реализирани во државава, при што УФП проценила дека била нанесена штета на државниот буџет во висина од 2.770.640 евра или околу 45.000 евра.
Постапувајќи по кривичната пријава, надлежниот јавен обвинител извршил распит на пријавените, како и на претставник од Министерството за култура, а бил извршен и увид и анализа во ревизорските извештаи за работата на Министерството за култура за наведените години. Во сите наведени извештаи не се констатирани неправилности во активностите и финансиските трансакции кон наведениот субјект. Дополнително, целокупната документација за исплатите кон „Светлост театар“ одела и до Министерството за финансии и до Народната банка, преку која се вршела исплатата кон странство, но и тие не констатирале неправилности.
„По наредба на јавниот обвинител, од Бирото за судски вештачења беше изготвено економско-финансиско вештачење со кое се утврди дека за извршување на договорените работи со Министерството за култура, претпријатието ‘Светлост театар’, основало подружница во земјава со назив ‘Светлост театар ДОО-Подружница ‘Светлост театар Скопје’. Оваа фирма, на 16. јули 2009 година, била заведена во Централниот регистар“, потврдуваат од скопското обвинителство и притоа појаснуваат дека материјалите, коишто како изведувач требало да ги вгради се увезувале од матичната компанија, а увозните декларации гласеле на име на подружницата. При увозот бил пресметуван ДДВ кој бил плаќан од страна на подружницата како увозник. Вештото лице констатирало дека фактурите доставувани од „Светлост театар“ ДОО Белград, до Министерството за култура биле искажани во евра со посебно искажан ДДВ и со наведена сметка на која треба да биде исплатена сумата. Притоа функцијата на подружницата не била реализирана во целост, со оглед на тоа што фактурите биле изготвувани и доставувани од страна на матичната компанија, наместо од подружницата. На овој начин е создаден неправилен тек на парите. Меѓутоа, со исклучок на определени веќе констатирани неправилности од Управата за јавни приходи во пресметаниот ДДВ на подружницата за извршените работи, други неправилности не се утврдени. За констатираното од УЈП се составени записници, врз основа на кои се изготвени решенија со кои подружницата била задолжена со ДДВ во точен износ и тој износ веќе е наплатен. Со самото тоа не постои штета на Буџетот на државата, ниту каква било друга штета, утврди вештиот наод и мислење.
Имајќи ги предвид сите овие факти, надлежниот јавен обвинител донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава, бидејќи не постои основано сомнение дека пријавените го сториле наведеното или друго кривично дело кое се гони по службена должност.

Спонзорирано