СИТЕ СМЕ ИСТИ ПРЕД ЗАКОНОТ, А ВО НЕГО НОВИНАРИ И АДВОКАТИ!

775

Со најновите измени на Кривичниот законик новинарите, адвокатите и лекарите се заштитени како полараните бели мечки. Очекувам, во наредниот период, за таква привилегија да се изборат наставниците и професорите, таксистите или вработените во обложувалниците и казината

 

Љубиша Станковиќ

Има, еве, веќе два-три дена како безгрижно си типкам по тастатурата без страв дека некој може нешто да ми замери за напишаното или, не дај боже, физички да ме нападне, а се’ поради тоа што сега сум заштитен со закон, небаре сум поларна бела мека, а не новинар. За оние кои не се доволно упатени во работите да кажам дека со најновите измени во Кривичниот законик сега за напад врз новинар, но и врз адвокат или лекар во иднина се оди затвор!
Не знам дали оваа измена е добра за новинарите, адвокатите и лекарите, но мене лично не ми се допаѓа. Всушност, не ми се допаднаа и измените кога новинарите престанаа кривично да бидат гонети, па кога нивната одговорност се пренесе на граѓанскиот суд, но тоа е веќе готова работа, како што сега е готова работа и нивната заштита со примена на Кривичниот законик. Убеден сум дека многу мои колеги нема да согласат со мене, но мене овие измени ми делуваат поразително, да не речам и понижувачки.
Од лично искуство знам дека новинарството е тешка и мачна и секако крајно стресна професија, но не гледам никаква причина зошто е потребна сегрегација во однос на другите професии. Имено, во нормалниот свет новинарството е исклучително ценета професија, но исто така е познато дека новинарите секој ден ја носат „главата в торба“. Точно е и тоа дека само во минатата година биле убиени 86 новинари, но Македнија не е ниту Мексико, ниту Украина, ниту Хаити, каде се гине или претепува заради напишаното. Точно е и тоа дека и кај нас има случаи на вербални и физички напади врз новинари, но проблемот лежи во тоа што кај нас не се направи јасна динстикција кое е, а кој не е новинар. Да сакаше државата да воведе ред – ред ќе имаше, и тогаш не ќе можеше секоја будала која пренесува напишани стауси по социјаните мрежи да се (само)нарекува новинар.
Вметнувањето на новинарите во Кривичниот законик за некои можеби ќе претставува „голем успех“ на еснафските здруженија, но времето ќе покаже дали е тоа навистина така. А во меѓувреме ќе се случел и никаков новинарски марш и ќе имало некои нови барања, само не знам дали ќе се бара и ослободување од затвор и на Марјан Стаменковски од затвор, оти, нели, некои и него го прогласија за новинар.
Не знам како другите, ама мене ме учеа дека токму новинарите се тие кои треба да стојат зад законите и да ги бранат, ако не за друго барем заради нивната вечна борба за правна држава.
Искрено, ми пречи што во Кривиниот законик се нашле и адвокатите и лекарите. И овие професии, секаде каде живее „нормален свет“ се професии кои уживаат углед и се високо ценети, а и платени, само кај нас треба да ги чуваме со закон.
Значи, согласно Уставот на државата сите сме исти пред законот, но во него се новинарите, адвокатите и лекарите!
Сега веќе не сум сигурен дали во иднина во Кривичниот законик не треба да бидат вклучени и наставниците и професорите, таксистите, вработените во обложувалниците и казината оти и тие се подложени на напади?
А, ако веќе зборуваме за судството таму ништо ново не се случува. Сведоци бевме дека може да се проневерат или да се исперат 11 милиони евра и за да такво нешто да се добие условна затворска казна.
Значи колку повеќе проневерени пари толку поблага казна и токму затоа само ни останува да претпоставуваме колку ефективен затвор може да се добие за некоја украдена ситна пара….И да, Драган Даравелски веќе не е во затвор, туку си е дома.
Останува уште да ги ислушаме одгласите по пресудата во Стразбур за аболицијата што ја даде, па ја повлече, Ѓорге Иванов.

 

Спонзорирано