СЦЕНАРИО ЗА ИСТРАГА ДО КОЈА НЕ СМЕЕ ДА ДОЈДЕ!

3453

 

 

 

Љубиша Станковиќ

Ова, само навидум, е сценарио за некој акционен-трилер филм, но, всушност, е сценарио со кое актерите од овој „филм“ ќе треба да излезат пред обвинител и да се спасуваат прво од притвор, а потоа и од затвор

Почитувани читатели, можете ли да замислите една ваква сцена: луксузен ресторан, голем објект, во кој во моментите кога треба да се случи пукотница, нема повеќе од 10 евентуално 15 гости и уште неколкумина вработели во локалот. На една од масите седат двајца пријатели и ортаци во бизнисот кој со години наназад, благодарение на партиската припадност, односно близината со тогашната владеачка партија, им носи големи успеси, односно големи пари.
Токму промената на власта, но и лошиот имиџ што го има едниот од партнерите е причина за средбата на двајцата блиски и долгогодишни пријатели. На средбата „Добриот“ му кажува на „Лошиот“ дека е дојдено време да се разделат, бидејки кога си добар можеш да работиш и со новата власт, која, пак, во една таква ситуација, не сака да го има и „Лошиот“. Во моментите кога се сооопштува дека е време за разделба „Лошиот“ го вади својот пиштол и пука во својот бизнис-партнер, притоа ранувајќи го во слабината.
И како што обично се случува „Лошиот“ е во бегство и се уште се води како недостапен за органите на прогонот. Од денот кога се случува инцидентот ќе помине еден месец. Полицијата можеби не може да го најде бегалецот, но затоа тој, преку своите јатаци, ќе успее да го исконтактира својот, од него, ранет пријател.
За да може ова сценарио да добие „на тежина“ ќе треба, во јавноста, да се пушти приказна дека „Лошиот“, по ранувањето, цело време бил со „Добриот“ и дека од него се разделил дури откако лекарите ќе му потврдат дека не се работи за смртоносна повреда и дека ранетиот брзо ќе оздрави. Неколку дена подоцна, „Лошиот“, од својот „штек“ ќе излезе со комплентно нова, и добро смислена верзија, на настанот за кој тој се сомничи за обид за убиство. Имено, се повикува едно лице кое, за 10.000 евра, треба да научи, а на суд и да потврди дека дошло до случајно испукување на куршумите, односно дека нити имало некаква расправија, ниту некој сакал таков епилог од разговорот што тоа попладне го имале девајцата пријатели.
Пред да настапи со втората фаза од планот „Лошиот“ треба да обезбеди уште еден лажен очевидец и секако нови 10.000 евра – пари кои треба да бидат дадени за сведочење пред јавен обвинител и(ли) пред судија на претходна постапка. Кога и ова ќе биде завршено ќе има, нова средба меѓу старите другари и бизнис-партнери. Тие ќе се договорат „Лошиот“ да го пушти „Добриот“ да работи сам, но неговоро излегување од бизнисот подразбира жртвата самата да потврди дека не постоела никаква намера за убиство, туку дека пиштолот сам испукал! Кога и ова ќе се договори се пристапува кон финалната фаза: се бара контакт со обвинителот кој го води случајот. Нему му се сервира приказната, а тој треба да „има разбирање“ и за да се појави „Лошиот“ пред него, тој ќе треба да го укине предлогот за притвор, а потоа да изврши преквалификување на делото од обид за убиство во „нешто од небрежност“. Е ако и ова помине, тогаш или ќе има 50.000 евра или „Лошиот“ ќе се стекне со нов пријател на кого ќе му должи услуга….

П.С.
„Сценариото“ може да биде „проширено и надградено“, но неговите евентуални измени ќе бидат будно следени и регистрирани.

Спонзорирано