„Титаник 2“ не потонува!

1936

 

Александра М. Митевска

 

„Титаник 2“ – еден од случаите на Специјалното јавно обвинителство, насловени според прекукеанскиот брод кој потона во Атлантикот на своето прво патување, сепак, се движи кон разрешница. Вчера паднаа првостепените пресуди за шестмина обвинети, наспроти сомневањата што особено се засилуваа деновиве – дека голем дел од предметите на СЈО, а особено оние со кои се опфатени крупни политички риби, ќе се удават во океанот на меѓупартиските пазарења за (не)решавање на статусот на обвинителството кое се роди на залезот на длабоката политичка криза во земјава. Таа криза, меѓу другото, исфрли на површина и многу наводи за крупни нерегуларности во изборните процеси до 2014 година.
Пресудата за еден од случаите во изборната трилогија наречена „Титаник“ значи уште една извојувана битка на правната држава против политиките кои доведоа до изигрување на избирачката волја на граѓаните, манипулација со нивното право на глас и деградација на институциите кои имаат обврска да овозможат објективен и регуларен изборен процес. Токму затоа, вчерашната пресуда за „Титаник 2“ не е значајна само поради тоа што преку процесите за изборни нерегуларности во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се расчистија повеќе упади во системот на избор на носители на највисоките функции во државата – во овој случај при изборот на градоначалници и членови на општинските совети во 2013 година.
Оваа пресуда има специфична тежина и поради тоа што покажа дека мисијата на СЈО сè уште не е завршена, иако веројатно дел од политичките актери би сакале да е така, а кои и сега се во позиција во Собранието да одлучуваат за судбината на ова обвинителство. Всушност, допрва ќе се види како последната одлука на Кривичниот суд ќе се одрази на напорите во политичката арена за постигнување на потребното двотретинско мнозинство за новиот закон за јавно обвинителство, што, сепак, не значи дека третата власт треба да суди според моменталните афинитети на дел од политичките актери кои се засегнати од случаите што произлегоа од масовното прислушување.
Погледнато од друг агол, пресудата за „Титаник 2“ има симболично значење и како своевидна опомена за изборниот процес што следува. Пораката што се испраќа е дека на претседателските избори што претстојат, политичките фактори и институциите задолжени за организирање на гласањето и за неговата регуларност не смеат да си дозволат излети надвор од Изборниот законик, како што, на пример, си дозволиле Сашо Мијалков, Мендух Тачи, Бедредин Ибраими и тројцата членови на Државната изборна комисија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ за време на локалните избори пред речиси точно шест години.
Во ек на политичка криза што владееше во земјава во тој период, по „црниот понеделник“ во парламентот на 24 декември 2012 година и сериозните протести и најави на тогаш опозицискиот СДСМ за бојкот на локалните избори, сега обвинетите во „Титаник 2“ се обиделе да го фалсификуваат гласачкото расположение во Струмица, со цел да ја осуетат победата во првиот круг на тогашниот потпретседател на СДСМ и актуелен градоначалник на Струмица, а сега премиер Зоран Заев.
Иронијата е во тоа што, и покрај сите опструкции, Заев успеа да ја задржи градоначалничката функција, за неколку месеци подоцна да застане на чело на тогаш опозициската партија, така што во 2015 година почна да ги објавува „бомбите“ на „Бихаќска“. Во нив, пак, и покрај доминацијата на вмровски функционери, можеа да се слушнат и гласови на личности кои се сега негови коалициски партнери на „Илинденска“. Како што е, на пример, во овој случај лидерот на ДПА, кој во тоа време, и како опозиционер, не престанал да „флертува“ со владејачката ВМРО-ДПМНЕ, на која, според обвинението, ѝ помагал во обидот за дисквалификација на сегашниот премиер. Друга, но не помалку иронична приказна се случаите „Титаник 1“ и „Титаник 3“, при што највпечатлива остана секвенцата со „човечињата“ што беа „влечени за уши“ за да влијаат врз резултатот во општини каде што фаворити за градоначалници беа кандидатите на тогашната опозиција…
Пресудата од безмалку 20 години затвор, кога ќе се пресметаат казните што ги добија сите шестмина обвинети во „Титаник 2“, особено ако се има предвид дека со кривичниот процес се опфатени дури четворица од вкупно седум членови на тогашната ДИК, сама по себе зборува за крупните законски прекршувања против изборите. Такви деликти против едно од основните граѓански права, ниту една институција или носител на функција не смеат да си дозволат на претстојните избори – особено ако се има предвид дека регуларноста на претстојниот изборен процес ќе биде еден од клучните критериуми при донесувањето на одлуката за почеток на преговорите со ЕУ.

( „Независен весник“)

Спонзорирано