Русковска повикана на отчет кај Колевски

511

Според претседателот на Советот на јавни обвинители, ветингот на судиите и обвинителите треба да биде добро осмислен, да не се спроведува набрзина, да се знае кој и како ќе го врши и да не се претвори во мешање на извршната во правосудната власт.

Министерката за правда  изјави денеска дека чесните судии и обвинители не треба да се плашат од злоупотреби при спроведување на процесот на ветинг.

Советот на јавни обвинители ќе ја повика обвинителката Вилма Русковска да даде отчет за своето однесување. Ова за Телма го потврдил претседателот на советот Ацо Колевски, без да изнесува свој став за кавгата на Русковска со апелациските судии, кои одобрија  поранешната специјална обвинителка Катица Јанева да заминево домашен притвор.

Колевски потврдил дека во Советот на обвинители стигнал допис од скопска Апелација, но рекол  дека треба да се слушне и другата страна.

Обвинителката Вилма Русковска, шефица на Обвинителството за организиран криминал, со СМС – порака им се заканила на судиите од Апелација со финансиска истрага, откако тие одлучија затворскиот притвор на Јанева, да биде заменет со домашен.

Апелација ова го смета за преседан, а осуда за однесувањето на Русковска стигна и од Судскиот совет.

Инаку, Колевски, денеска за МИА, ги коментираше најавите за ветинг во правосудството. Според претседателот на Советот на јавни обвинители, ветингот на судиите и обвинителите треба да биде добро осмислен, да не се спроведува набрзина, да се знае кој и како ќе го врши и да не се претвори во мешање на извршната во правосудната власт.

„Сметам дека треба внимателно да се пријде кон оваа мерка. Таа треба добро да се осмисли. Да се осмислат целите на ветингот, да се дефинира по содржина и начинот на кој ќе се спроведе. Понатаму, кој орган или кои органи или државни институции ќе треба да го спроведат, да се внимава тоа да не биде директно мешање во правосудната власт од страна на извршната власт. Доколку се спроведе, треба да даде позитивни ефекти, а не да даде негативни ефекти. Состојбите во правосудниот систем не се баш на потребното ниво, па со ветингот да не се влошуваат понатаму“, истакнува Колевски.

Тој вели дека треба да се размисли дали во овој момент е потребен или не ветинг на судиите и јавните обвинители.

„Сега сме наводно пред изборен период, не знам дали ветингот би требало и набрзина да се спроведе. Најпрво треба добро да се осмисли и постапката да не биде брза. Едноставно тоа да не значи веднаш разрешување судии и обвинители, туку треба да се види дали има основа за такво нешто. Затоа што во овој момент имотната состојба на судиите и јавните обвинители се контролира. Сите јавни обвинители и судии поднесуваат пријава до ДКСК за имотната состојба и таа е на увид на јавноста. Секој може да изврши увид во податоците“, рече Колевски.

Министерката за правда Рената Тренеска Дескоска, пак, изјави денеска дека чесните судии и обвинители не треба да се плашат од злоупотреби при спроведување на процесот на ветинг. Таа посочи дека мора да се направат чекори за побрзо прочистување на судството од неквалитетни и непрофесионални судии, а секако тоа се однесува и за обвинителството. Додаде дека поддржува се што може да значи исчистување на политичката сцена, на државната сцена од луѓе кои се корумпирани, кои се непрофесионални, кои имаат врска со мафијашки и други кругови за да се донесе поголем квалитет.