РАЗБИЕНА И ПРИВЕДЕНА КРИМИНАЛНА ГРУПА КОЈА КРИУМЧАРЕЧА МИГРАНТИ

604

По налог од јавен обвинител од ОЈО ГОКК, Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе и Одделот за специјални и посебни операции на СВР Скопје и СВР Струмица, е спроведена акција за сузбивање на криминална група за криумчарење мигранти.
Како што потврдуваат од Обвинителството групата функционирала според строга хиерархиска поставеност, а ја предводел триесет и три годишен велешанец. Имено, „шефот“ на групата, со две лица кои потекнуваат од земјите од Блискиот Исток, ја организирал криминална група која се занимавала со криумчарење на мигранти, главно од Авганистан, Пакистан, Сирија, Бангладеш, но и други земји од Блискиот и Средниот Исток. Тие, за „влез“ во земјава од Грција, користеле илегални премини на таканаречената „зелена граница“, односно околината на Гевгелија, Струмица и Демир Капија, а оттаму со помош на водичи наречени „качаци“, жртвите ги носеле на претходно утврдени локации.
„Организаторот и членовите на криминалната група го договарале преземање на мигрантите од овие локации и со патнички и товарни моторни возила ги превезувале до локации во Кумановско-липковскиот регион каде мигрантите биле прифаќани и времено сместувани и засолнувани. Понатаму тие биле криумчарени преку територијата на Република Србија кон државите на ЕУ. Паричните средства за транспорт на мигрантите од 500 до 700 евра по лице, биле исплаќани преку агенти за брз трансфер на пари или во готовина“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Полицијата, во текот на вчерашниот ден извршила претреси во објекти на 11 локации на подрачјето на Велес, Скопје, Штип, Струмица и Валандово и притоа од слобода биле лишени шест лица, а се преземаат мерки за приведување на уште три лица. Други, четворица членови на групата веќе издржуваат мерка затвор за криумчарење мигранти.
За приведените лица Јавен обвинител, од судија на претходна постапка ќе побара изрекување на мерка притвор.

Спонзорирано