Продолжен притвор за петмина обвинети за трговија со дете

954

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција,  во текот на спроведување постапката отворена во јануари годинава против две лица, ја прошири истрагата за уште три лица. По сеопфатната истражна постапка, обвинителот достави  до Основниот кривичен суд – Скопје, обвинителен акт против пет лица за сторено кривично дело „трговија со дете“ и тоа: против првообвинетиот за сторено кривично дело „трговија со дете“ од чл.418-г став 2 во врска со став 1, против второ и трето обвинетите за сторено по едно кривично дело „трговија со дете“ од чл.418-г ст.1 и против четврто и петто обвинетите за соизвршителство во кривично дело, а во врска со чл.22 од Кривичниот законик.

Со истрагата е утврдено дека во периодот од 22 септември 2017 година до 27 февруари 2018 година, откако мајката на детето – жртва била задржана во притвор, првообвинетиот како нејзин татко, се обврзал да се грижи за својата тогаш 15-годишна ќерка. Злоупотребувајќи ја својата положба како родител – старател, во два наврати од користољубие, на детето – жртва му договорил присилен брак. Детето не сакајќи да ги прифати кандидатите за сопруг ги напуштило и не се вратило кај татка си, туку заминало во домот на третообвинетиот со кого била во љубовна врска и каде претходно престојувале со мајка си.

Третообвинетиот, знаејќи дека девојчето се уште е вљубено во него, го прифатил и ја искористил нејзината положба, па од користољубие во два хотели во Скопје, на непознати мажи им овозможувал сексуални услуги од детето. Парите од услугите во износ од по три илјади  денари мажите ги исплаќале на детето, а третообвинетиот ги земал за себе. Од декември 2017 година девојчето било експлоатирано преку проституција од страна на второ, трето и четврто обвинетите кои договарале сексуални услуги од детето–жртва за одреден паричен надоместок во Тетово и во Скопје.

Лани, на 27 февруари, детето било пронајдено од полициски службеници, без родител како законски застапник, пријавено во Центарот за социјални работи во  Скопје и згрижено во „Мал групен дом“. . Кон крајот на 2018 година, детето самоволно го напуштило домот каде што било згрижено.

Во периодот од 24 декември 2018 година до 13 јануари .2019 година трето и четврто обвинетите го прифатиле, засолниле и заедно со петообвинетата во поединечни случаи го подведувале на вршење полови дејствија со други лица за одреден паричен надоместок. Исплатените пари за услугите што ги пружала оштетената ги земале осомничените, а за возврат и обезбедувале престојувалиште. Имајќи ја предвид специфичноста на кривичното дело што им се става на товар, општествената опасност од повторување на истото, можноста за брза заработка што ја овозможува трговијата на деца и постоење на реална опасност обвинетите да го повторат кривичното дело за кое се теретат, обвинителот до Основниот Кривичен суд Скопје достави и посебен предлог за продолжување на мерката притвор за петмината обвинети. Судот го прифати предлогот на обвинителството и со решение ја продолжи побарана мерка за сите обвинети.

Спонзорирано