Тројцата споменати, заедно со бегалците Никола Груевски и Никола Бошковски, се сомничат за организирање на тепачките кои се случија во парламентот
Половина час веќе трае распитот во скопскиот кривичен суд на приведените Трајко Вељаноска, поранешен претседател на парламентот, како и на екс-министрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески.
Попладнево, по налог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминаи и корупција се приведени тројцата споменати, но на листата на осомничени се и имињата на бегалците Никола Груевски и Никола Бошковски. Сите петмина се сомничат дека се најнепосредно инволвирани во случувањата од 27. април 2017. година, односно во настанот кој стана познат како „крвавиот четврток“.
Од Јавното обвинителство потврдуваат дека „по спроведена сеопсежна предистражна постапка, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истражна постапка против пет лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело: терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, предвидено и казниво по член 313 од Кривичниот законик“.
Оттаму и потврда дека наодите од предистражната постапка укажуваат дека осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел ги организирале и материјално ги подржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на РМ, на 27 април 2017 година. Осомничените како организатори ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта и овозможиле континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите.
Со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста, критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучиле патриотски здруженија и ангажирале лица за извршување на насилство.
Воедно од седиштето на политичка партија континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови. Во исто време, еден од осомничените со возило, сопственост на Управата за безбедност и котраразузнавање, донел огнено оружје и панцирни елеци пред Собранието на Република Македонија што биле наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Со овие активности осомничените предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните.
Ценејќи дека
се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за осомничените.
Она што барем засега е неизвесно се однесува на евентуалните барања за изрекување на притвор за осомничените, но кога е во прашање Вељаноски, тогаш за него ќе решава Собранието. На Миле Јанакиески неодамна беше укинат притворот, односно му беше заменет за куќен притвор. Од приведените „неспорен“ е само осомничениот Спиро Ристовски, бидејќи тој за прв пат се јавува како лице кое е под кривичен прогон.





