На Вељаноски и Груевски… им се заканува над 10 години затвор

1462

Петтемина поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, од кои тројца беа приведени попладнево, а двајца се водат како недостапни, се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста – дело за кое е предвидена затворска казна од најмалку 10 години. Трајко Вељановски, Никола Груевски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Никола Бошкоски, всушност, се осомничени за истото дело како и повеќемина од триесетината обвинети во големиот судски процес за насилствата во парламентот на 27 април 2017 година кој се ближи кон својот епилог.
Поранешните претседатели на парламентот и на владата сега се под истрага како организатори на „крвавиот четврток“ во парламентот, исто како и Јанакиески, Ристовски и Бошкоски, за што не е предвидена амнестија соЗзаконот што беше донесен кон крајот на минатата година.

Од Обвинителството соопштија вечерва дека, по спроведена сеопсежна предистражна постапка, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против пет лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, предвидено и казниво по член 313 од Кривичниот законик.

-Наодите од предистражната постапка укажуваат дека осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел ги организирале и материјално ги подржале масовните протести, прво пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на 27 април 2017 година. Осомничените како организатори ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта и овозможиле континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите, се наведува во соопштението на Обвинителството.

Потоа се посочува дека, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста, осомнечените критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучиле патриотски здруженија и ангажирале лица за извршување на насилство. Воедно од седиштето на политичка партија континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови. Во исто време, еден од осомничените со возило, сопственост на УБК, донел огнено оружје и панцирни елеци пред Собранието, што биле наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Со овие активности осомничените предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните.
Од обвинителството информираа дека, е доставен предлог до судот за определување мерка притвор за осомничените.

Спонзорирано