Сопственик на угостителски објект во село Сретеново, Стар Дојран, е осомничен дека сторил кривични дела: спречување службено лице во вршење службено дејствие и загрозување на сигурноста.
Настанот се случил минатиот петок кога тој им се заканил на две службени лица кои планирале да извршат претрес на угостителскиот објект на платформа. Имено, претресот бил наложен од судија на претходна постапка, а со цел пронаоѓање докази и траги заради основано сомнение за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Но, кога полицисиките службеници пристигнале во објектот и откако му ја предале наредбата за претрес, тој одбил да ја прими по што почнал да ги турка службените лица, упатувајќи им притоа навреди и закани, а малку потоа започнал да крши маси и столици и на крај го го исклучил кабелот за струја со што го прекинал доводот на електрична енергија во објектот.
Инаку, по завршување на претресот полицијата пронашла повеќе пакувања со прашкаста, грутчеста и растителна материја, кои со наредба на Основното јавно обвинителство Гевгелија се испратени на вештачење за да се утврди дали станува збор за недозволени супстанции.
Судија на претходна постапка го прифатил предлогот на Обвинителството и на сега осомничениот му одредил мерка притвор во траење од 8 дена.
ПРИТВОРЕН УГОСТИТЕЛ ПОРАДИ НАПАД НА СЛУЖБЕНИ ЛИЦА
Спонзорирано