КОГА „СТРУЧНИТЕ“ РЕШАВААТ ЗА „НЕСТРУЧНИТЕ“

2225

Врховниот суд смета дека Виолета Дума не е стручна да биде судијка, а таа од членство во ДИК беше поставена за правен советнк на премиерот.
Лидија Неделкова, до вчера им беше „шефица“ на оние кои денеска проценуваат дека нејзе не ја бива да биде судија?!

Љубиша Станковиќ

 

Пред само три дена Советот за одлучување по жалби при Врховниот суд ја одби жалбата на Виолета Дума, односно го потврди решението на Судскиот совет кој уште пред неколку години кажа дека таа, како судијка во скопскиот Апелациски суд е нестручна, а дека судиската функција ја вршела несовесно.
Без намера да влегувам во каков и да е коментар за (не)стручноста и (не)совесноста на Дума, само ми се наметна прашање: Како е можно една “ваква личност” да му биде советник на премиерот и тоа токму за прашања поврзани со пртавни работи?
Барајќи, логичен одгвор на поставеното прашање дојдов до два можни заклучока! Или премиерот направил превид и за свој соработник замал личност која не си ја знае работата, или нестручни биле токму оние кои ја разрешиле Виолета Дума, но сега мора да си ја потврдат еднаш веќе донесената одлука, бидејќи се друго би претставувало „скокање во сопствениот стомак“!

Виолета Дума ја познавам долги години како судија и можам да кажам дека не само што е стручна, туку, за мој вкус, е и премногу принципиелна. Сепак, Судскиот совет и судиите од Врховен суд не се „на иста линија“ со мене, што, пак, ми дава за право дека можеби сум во право, дотолку повеќе што „случајот Дума“ заврши со фијаско по оние кои ја разрешија – нејзе и нејзини колеги.
Само еден ден пред одлуката за Виолета Дума, Советот за жалби ја обди и судијката на Врховниот суд, Лидија Неделкова. Сакам да кажам: колегите со кои Неделкова работеше безмалку десетина години, сега се сетиле дека можеби таа е нестручна и несовесна?

 

Не ми јасно како е можно некој да ги искачи сите скалила во судската хиеархија и откако ќе дојде на самиот врв, некој да се сети дека дотичната „не ја бидува” да биде судија?
Лидија Неделкова ја паметам уште од времето кога беше судија – кривичар во Основниот суд Скопје 2 – Скопје. Таа беше судијка која му пресуди на Авдил Јакупи познат како „командант Чакала“. Пресуда храбра и без пардон! Ја паметам Неделкова кога како судија во „единица“ им судеше на обвинетите во предметот „Планиска бура“, а паметам и некои други случаи!

Е сега, ако Неделкова била нестручна и(ли) несовесна тогаш како е можно нејзините пресуди да опстојат и згора на се да бидат потврдени? Ако не ја бидува сега за судија, веројатно не ја бидувало и тогаш? Или, тогаш била добра, а сега не чини? Не оди тоа!
Неделкова не само што стана судија на Врховниот суд туку стана и претседателка на највисоката судска инстанца. Но, нејзниот „пад“, (како и „падот“ на Виолета Дума) никако не смееше да биде продукт на Јово Вангеловски, со оглед на тоа што токму таа прва сигнализираше дека тој дејствува надвор од законите, а што резултира со негово разрешување и со кривичен прогон.
Убеден сум дека ниту Виолета Дума, ниту Лидија Неделкова ќе ги прифатат одлуките на жалбениот совет на Врховниот суд кој во два дена ( на две седници) одлучи дека тие се нестручни и несовесни во извршувањето на судиската функција.
Се нешто си думам дека нашите „правни недоследности“ ќе ги решава еден друг, меѓународен, суд?!
А ако веќе мора да се резилиме пред Европа, (а се резилиме со години наназад), барем да се избориме за правда, но и за правна и лична сатисфакција!

Спонзорирано