Поранешниот градоначалник на Демир Капија обвинет за злоупотреба на службената положба

    1569

    Поранешниот градоначалник на Општина Демир Капија, Трајче Димитриев (61), од велешкото Јавно обвинителство има обвинителен акт со којшто тој се товари за злоупотреба на службената положба и овластување, согласно член 353 став 4 а во врска со ставовите 3 и 1 од Кривичниот законик.
    Според Обвинителството, Димитриев од 21. февруари 2015 до 12. октомври 2017 година, како одговорно лице – градоначалник на Демир Капија ја искористил службената положба и прибавил имотна корист за друг во износ од 1.177.476 денари.
    Како што е наведено во диспозитивот на обвинителниот акт, по прием на лицето – сведок на работното место советник за правни работи и застапување, тој дозволил истиот да не доаѓа на работното место, да не биде електронски евидентиран и да не извршува никакви работни, но сето ова не претставувало никаква пречка на ново вработената редовно да и се исплатувала плата и со тоа да се оштети општинскиот буџет за околу 20.000 евра.
    „Обвинението е поднесено откако во текот на истражната постапка беа прибавени сите податоци кои се однесуваат на регулирањето на работните задачи за работното место на кое била примена вработената, електронската евиденција за присуство на вработените на работно место и листите за исплата на плата, беше извршено економско вештачење, а беа испитани и повеќе сведоци – вработени во Општината“, се вели во службениот допис лиферуван од Јавното обвинителство.
    Пред нешто повеќе од една и пол година, поточно во мај 2018 година, за идентична работа како онаа којашто е наведена во обвинението, на Трајче Димитриев му беше поднесена кривична пријава. Во пријавата, со која тој се сомничи за сторена злоупотреба на службената положба и овластување, беше наведено дека Димитриев, во 2011 година вработил две лица кои не доаѓале на работа, а примале плата. Имено, лицата И.В. (43) и Р.Д. (47), двајцата од Скопје, и покрај тоа што само повремено доаѓале на работа, се до 2017 година, примале плата и со тоа општинскиот буџет бил оштетен за 3.073.859 денари или за близу 50.000 евра.
    Сега веќе бившиот градоначалник беше пријавен и за други дела, а по кривична пријава поднесена од Управата за финансиска полиција (УФП) нему му беше изречена и мерка притвор. Со оваа пријава, освен Димитриев беше опфатен и поранешниот претседател на Советот на општина демир Капија, братучетка на Димитриев и еден проценител. Сите тие се товаре за нанесена штета на општинскиот буџет за 15.456.106 денари или 251.000 евра. Според пријавата, во март 2012 година, делегација на Европската Унија во Скопје и Трајче Димитриев, како градоначалник на општина Демир Капија, потпишале договор за грант за проект „Центар за едукација и вмрежување во туризмот Ценет“, вреден 262.366 евра. За потребите на овој центар се извршило и реконструирање на стара училишна зграда, која половина била сопственост на општината, а половина на пријавената М.Ј., а за што биле употребени 101.230 евра од одобрениот грант, додека останатите потребни пари, 82.000 евра, биле од буџетот на општината. Другите пари биле наменети за опремување на центарот. Градоначалникот Димитриев, на 12. јуни 2013 година, имотот и го продал на својата братучетка за 1,67 милиони денари или 27.000 евра, а што претставува десет пати помал износ од реалната пазарна цена.
    Градоначникот Димитриев се сомничи и за одобрување на нелегалната одлука на советот на Општина Демир Капија со која се одобруваат финансиски средства за покривање на трошоци за добивање на дозволи за сеча на огревно дрво на 20 социјално најзагрозени семејства и за нова штета од 110.000 денари.

    Спонзорирано