Полициски работник и уште двајца други прошверцувале пет кила хероин

1527

Одделот за криминалистичка полиција при Министерството за внатрешни работи и Царинската управа, во саботата, спроведоа акција по која, во бункери на возило, бил пронајден хероин со тежина од 4.951 грама. Во акцијата од слобода биле лишени две лица и за нив, како и за уште едно лице, веќе е отворена истрага за кривично дело: неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.
„На седми овој месец, во претпладневните часови првоосомничениот, заедно со второосомничениот -полициски службеник, заминал за Тетово со возило ‘голф 5’. Од Авто сервис, во Тетово, земале возило ‘БМВ 530Д’, во кое од лева и десна страна на крилата имало специјално направени бункери, по што се упатиле кон бензинска станица на автопатот Скопје – Петровец. Таму го оставиле возилото и заедно заминале кон Скопје со патничкото возило ‘голф’. Вечерта, осомничениот полициски службеник, преку граничниот премин Долно Блаце, по упатства на првоосомничениот, заминал за Косово каде се сретнал со непознато лице од Приштина. На средбата биле договорени деталите за неовластеното купување и пренесување на наркотична дрога – хероин“, велат од Обвинителството и појаснуваат деке веќе следното утро, првоосомничениот со возило “ауди“ и третоосомничениот со „БМВ-то“, се упатиле кон Приштина. Додека патувале осомничениот полициски службеник им давал насоки за точната локација од каде треба да се набави хероинот. Откако дрогата била сместена во бункерите на возилото, тие се вратиле преку граничните премини Долно Блаце и Белановце се вратиле во земјава. Откако ја минале границата тие се сретнале кај селото Никуштак, а потоа заедно го продолжиле патот, но на влез во Скопје, во близина на хотелот „Белви“, возилото со хероинот било запрено од полицијата, по што било спроведено до Царински терминал каде мобилен тим на ЦУ извршил контрола над возилото и притоа пронашол 10 полиетиленски пакувања со хероин.
Полицискиот службеник и возачот на „БМВ-то“ биле уапсени и притворени, но се уште се трага по возачот на автомобилот „ауди“ кој избегнал легитимираее и се дал во бегство кон селото Арачиново. Всушност, возилото било пронајдено, но не и возачот.

Спонзорирано