Поднесено обвининение за „Рекет“

2238

Боки 13 и Катица Јанева, според обвинението, се товарат примање награда за противзаконско влијание, но и за перење пари и за злоупотреба на службената положба и овластување

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како што и претходно беше најавено, денеска, до скопскиот кривичен суд достави обвинителен акт против за тројцата кои се сомнечеа за случајот наречен „Рекет“. Двајца од обвинетите, поточно Бојан Јовановски и Катица Јанева, се товарат дека извршиле кривично дело: примање награда за противзаконито влијание, спред член 359 став 7 а во врска со став 3 во врска со став 2 во врска со член 22, но обвинетиот Јовановски, инаку викан Боки 13 ќе одговара и за кривично дело: перење пари и други приноси од казниво дело, а Јанева, дополнително и за злоупотреба на службена положба и овластување.
„Имено, првообвинетиот во периодот од месец ноември минатата година до април годинава, искористувајќи го своето претпоставено влијание врз второобвинетото лице – јавен обвинител, влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши. Тој, искористувајќи ги претходно воспоставените пријателски односи влијаел врз второобвинетата, при спроведувањето на истражна постапка во предметот со работен наслов ‘Империја’, да ја олесни положбата на сведокот кој во предметот е еден од осомничените и на кого по предлог на јавниот обвинител му било определена мерка притвор“, се вели во соопштението на обвинителството и притоа се појаснува дека третообвинетиот, односно сега обвинетиот Зоран Милески викан Зоран Кичеец, битно придонел за извршувањето на кривичното дело со договарање на континуирани средби на Боки 13 со сопругата на Орце Камчев, а подоцна и со него, притоа уверувајќи ги во неговото влијание врз јавниот обвинител.
Екс-шефицата на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, го прифатила влијанието на Боки 13 и како службено лице – јавен обвинител, ја искористила својата службена положба и овластување и ги пречекорила границите на своето овластување. Откако Јовановски со Милески ги добил договорените 500.000 евра од сопругата на Орце Камчев. Иако постоеле неизменети околности врз кои била определена и продолжена мерката притвор, сепак Јанева до скопска Апелација доставила предлог за определување на поблага мерка – куќен притвор, а којшто предлог бил прифатен од судот.
Согласно договорот, по исплатата на првите 1.000.000 евра, Јанева до судот доставила писмена согласност одземената патна исправа да му биде вратена на сведокот. Со вака преземените службени дејствија таа ја искористила и ја пречекорила својата службена положба и овластување, а за себе прибавила имотна корист во значителен износ и тоа во мебел, вреден 296.040,00 денари и кеш девизи во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети примиле награда од 1.500.000 евра. Јовановски, иако невработен и со блокирани трансакциски сметки и без никаков приход, на почетокот на оваа година си купил луксузен мебел, облека и обувки и престојувал во луксузни странски летувалишта што упатува на заклучокот дека ги пуштил во оптек паричните средства што ги прибавил со кривичното дело.
Обвинителството цени дека се уште на сила треба да остане и мерката притвор за Јовановски и за Јанева и од тие причини од судот е побарано мерката са биде продолжена.

(Љ.С.)

Спонзорирано