Скопското јавно обвинителство поднесе обвинителен предлог против Емил Јакимовски, за продолжено кривично дело: загрозување на сигурноста од член 144 став 2 , загрозување при вршење семејно насилство и за едно кривично дело: загрозување на сигурноста од член 144 став 4 , загрозување по пат на информатички систем.
„Од резултатите на вештачењето спроведено по наредба на јавниот обвинител во текот на истражната постапка произлезе дека обвинетиот ги сторил делата во состојба на битно намалена пресметливост за да го сфати значењето на делото и да управува со своите постапки“, се вели во соопштението на обвинителството. Оттаму појаснуваат дека првото дело кое му се става на товар обвинетиот го сторил на начин што со умисла извршил повеќе временски поврзани дејствија кои претставуваат повеќекратно остварување на истото дело, притоа искористувајќи ист траен однос и исти прилики. Тој, како поранешен сопруг, при вршење семејно насилство и ја загрозил сигурноста со сериозна закана дека ќе нападне врз нејзиниот живот и тело и врз животот и телото на нејзино блиско лице – нејзиниот татко.
Јакимовски се товари дека второто дело го сторил на 10. овој месец, кога по пат на информатички систем и се заканувал на оштетена дека ќе изврши кривично дело: убиство за кое е пропишана казна затвор од најмалку пет години. Заканите ги упатувал преку пораки и мобилни апликации, па оштетената се почувствувала дека и е загрозена личната сигурност.
Истражната постапка за истото лице беше поведена и за кривично дело: неизвршување на судска одлука од член 377 став 5, но за ова дело не е поднесено обвинение, бидејќи во текот на постапката се утврди дека Решението на Основниот суд Скопје 2 – Скопје, со кое била издадена наредба – времена мерка за заштита на правата на оштетената од семејно насилство, се уште не е правосилно.
„Обвинителството ги истражуваше и наводните закани кои лицето ги упатувало кон друга оштетена, но притоа се утврди дека во нив не постојат елементи на кривично дело, туку дека станува збор за клевети и навреди за кои оштетената може да поведе граѓанска постапка“, велат од обвинителството од каде и потврда дека е побарано на обвинетиот да му се продолжи мерката притвор.