ПИЛОТИРАЊЕ И АТЕРИРАЊЕ, СУДЕЊЕ И АПЛАУДИРАЊЕ

4287

Кога човек ќе успее да докаже дека е невин, тогаш нема потреба да и аплаудира на правдата, како што нема потреба да му се аплаудира на пилот кој после многу часови летање успеал меко да го приземји авионот

 

Љубиша Станковиќ

Никогаш не можев да им се изначудам на умот на оние патници кои без глас го чекаат моментот на атерирање на авионот за потоа да почнат френетично да аплаудираат. Моето чудење, претпоставувам, дека е резултат на вербата која ја имам во пилотот, бидејќи верувам дека за него приземјувањето е рутинска работа, откако претходно со часови пилотирал по небото. Оние кои му се чудат на моето чудење ќе ми кажат дека постои страв кај оние кои аплаудираат. Луѓето се плашеле од она што следи, а тоа е „мекото спуштање“.
Деновиве бевме сведоци на друг вид аплауз. Овој пат, аплауз се случи во судница по објава на ослободителна пресуда?! Како и во случајот со авионот, така и во овој случај мене повторно ми е нејасно: зошто мора да се аплаудира?
Изрекувањето пресуда, ( без оглед на тоа дали е таа осудителна или ослободителна) за мене е нешто што не трпи аплаузи. За волја на вистината сум бил многу пати сведок кога незадоволната страна ќе се провикне или тивко ќе опцуе, ама, пак, не можам да разберам зошто треба да се аплаудира кога човек се ослободува од вина. Мојата перцепција е дека секој кој е обвинет сака и се труди да ја докаже својата невиност, а кога тоа ќе се случи задоволен ќе ја напушти судницата – и толку!
Последната ( или подобро кажано најновата ) ослободителна пресуда се однесуваше на неколкумина обвинети во предметот наречен „Шпион“, кој датира од крајот на 2013 година. Иако нема намера да ја коментирам одлуката, бидејќи тоа е работа на повисокиот суд, сепак, моерам јавно да прашам: Што се случи со овој судски предмет од кој, наводно, зависеше безбедноста на државата.
Се сеќавам на денот кога во истиот тој суд, кој сега носи ослободителни пресуди, беа спроведени дваесетина лица главно разузнавачи и контраразузнавачи, но и архивари, новинари, шеф на кабинет на претседателот на законодавниот дом, директори и други. Е тогаш, беа кажани некои имиња, најверојатно за да може предметот „Шпион“ да добие „на тежина“, а за се друго судот одржа средба со новинарите на која им беше кажано што смеат, а што не смеат да пишуваат.
„Појаснувањата“ од судот беа уверливи. Во еден момент беше кажано дека новинарите треба да внимаваат што пишуваат за да не се доведат во ситуација и тие да бидат обвинети. Всушност, целата таа „показна вежба“ ми подзаличе како на некакво „упатство“ со кое треба да не одбијат од натамошно пишување.
Судењето што ќе следи подоцна личеше на излези – влези. Имено, кога судот ќе проценеше дека некој од обвинетите или од сведоците може да изнесе некаква службена или државна тајна новинарите веднаш мораа да ја напуштат судницата, иако не ретко можеше да се слушне како сведок лажно обвинува.
Кога се ќе се собере и одземе на обвинетите за шпионажа им беа изречни затворски казни од 70 и кусур години затвор. Сега, шест години подоцна, истите обвинети аплаудираат на сопствената невиност?

Се прашувам: дали беа тогаш или се сега виновни? Знам само едно, а тоа е дека нема пилот во авионот!

Спонзорирано