ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ЗА ДЕВЕТ ЛИЦА ЗА СЛУЧАЈОТ „ПОШТЕНСКА БАНКА“

1844

Поранешниот директор на банката, Коле Смилевски, како и сопствениците на „Ноел“ и на “Европа 92“, Томе Главчев и Ратко Димитров, се товарат за злоупотреба на службена положба, а со уште шестмина други и за перење пари

По нешто повеќе од две години од отворањето на кривична истрага за случајот наречен „Поштенска банка“, Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт за девет лица.
Како што потврдуваат од Обвинителството Коле Смилевски, поранешен генерален директор на „Поштенска банка“ АД Скопје, Томе Главчев, сопственик на „Ноел Експорт импорт – импорт“, Ратко Димитров, сопственик на печсатницата „Европа 92“ се товарат за продолжено кривично дело: злоупотреба на службената положба и овластување, но овие тројца, заедно со уште шестмина други се товарат и за перење пари и други приноси од казниво дело, согласно член 274 став 5 и став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Иако Обвинителството говори за лица со иницијали З.Ш, В.Ш, В.Д, В.П, Г.К и З.М, сепак, останува сомнежот дека се работи за лицата; Викица Поповски, Георги Каратолис, Кирил Јаневски, Зоранчо Митровски, Ристо Милев и Златко Ѓорчев, а кои, во окромври 2018 година, беа споменати од тогашното Специјално јавно обвинителство. Имено, СЈО по отворањето на кривичната истрага ги осомничи споменњтите за пењере на пет милиони евра, но сега, согласно обвинението тие се товарат дека испрале 9 милиони евра.
Од почетокот на 2001 до крајот на 2004 година, Смилевски, Главчев и Димитров, како одговорни лица во правни лица, со намера за две правни лица во приватна сопственост да прибават значителна имотна корист, ја злоупотребиле службената положба и овластување во вршење на нивните посебни овластувања за законито работење на правните лица. Првообвинетиот Смилевски, на почетокот на 2001 година, како директор на штедилница во државна сопственост, со Главчев и Димитров договорил начин на кој при трансформација на штедилницата во банка, освен утврдениот основач, како основачи да се јават и фирмите “Ноел“ и “Европа 92“. Имено, тие двајца земале краткорочни кредити од комерцијални банки кои требало да се вратат со одобрени кредити од новата банка. Директорот Смилевски, со цел да го исполни договорот, склучил договори за кредити со седум правни лица што, на Главчев и Димитров им одобрил и им исплатил кредити во вкупен износ од 144.500.000 денари или 2.349.594 евра. Подоцна, овие двајца, по основ на наводни позајмици, организирале исплатените средства да бидат уплатени на нивните фирми. Со овие пари Главчев и Димитров го исплатиле кредитот земен за основачки влог во комерцијалните банки. Искористувајќи ги своите позиции во банката Томе Главчев и Ратко Димитров им овозможиле друштвата што добиле кредити воопшто да не го враќаат долгот на банката.
„Обвинетиот К.С. со внесување на административно-деловниот објект во изградба со пазарна вредност од 404.590.850 денари или 6.578.713 евра кој бил имот на штедилницата, како имот на банката, овозможил значително да се зголеми вредноста на акциите што ги поседувале правните лица на Т.Г. и Р.Д и како основачи на банката незаконски да се стекнат со 2/3 од вредноста на административно-деловниот објект, односно значителна имотна корист од по 134.863.616 денари или по 2.192.904 евра. Воедно, К.С. без исполнување на законските услови, во неколку наврати одобрувал кредити на друштва, при што договарал долгот воопшто да не се враќа. Со ваквите дејствија била прибавена значителна имотна корист за друштвата, а парите, иако знаеле дека се прибавени со казниво дело- Злоупотреба на службена положба и овластување по чл.353 ст.4 вв со ст.3 вв со ст.1 од КЗ, биле примени и пуштени во оптек од страна на обвинетите Т.Г, З.Ш, В.Ш, Р.Д. В.Д.,“, се вели во соопштението на Обвинителсвото за гонење на организиран криминал и притоа се појаснува дека од 2002 до 2004 година, шест друштва постапиле спротивно на чл.38 од Законот за банки и се обиделе акциите на банката од втората емисија да ги купат со средствата од самата банка. Директорот Смилевски знаел дека Народна банка не го одобрила спроведувањето на втората емисија, со управителите на друштвата кои учествувале во купување на акциите склучил договори за надомест на штета, притоа банката на друштвата им исплатила вкупен износ од 81.703.461 денар по основ на наводна камата. Со овие дејствија Смилевски за друштвата прибавил значителна корист, а со добиените средства обвинетите затвориле поголем дел од обврски и кредити за кои имале интерес.
„На почетокот на 2005 година, со цел да ја прикријат прибавената корист од трансакциите, во име на своите правни лица, Т.Г. и Р.Д. подигнале кредити во износ на 144.000.000 денари, односно 100.000.000 денари од ‘Еуростандард банка’ и ги исплатиле кредитите на друштвата во банката. Во исто време, обвинетите Т.Г. и Р.Д. при банкарско работење го замениле имот што го прибавиле со казниво дело и прикриле дека тој имот потекнува од казниво дело. Имено, на почетокот на 2005 година, кога станале свесни дека со нивната противправна имотна корист, ја оштетиле ‘Македонска пошта’, единствениот реален основач на банката, за вкупен износ од 8.134.504 евра, го искористиле капиталот на банката и за да одбегнат добивање согласност од ‘Македонска пошта’, како акционер со златна акција, ги отуѓиле акциите евидентирани на нивните правни лица. За таа цел од ‘Еуростандард банка’ подигнале кредит во износ од 244.000.000 денари или 3.967.480 евра, а како гаранција за подигнатиот кредит ги заложиле акциите кои биле евидентирани на нивно име во банката. Кредитите не биле вратени и ‘Еуростандард банка’ станала сопственик на заложените акции. Обвинетите Т.Г и Р.Д., со паричните средства од кредитот на Еуростандард банка исплатиле дел од противправно прибавена корист во вкупна вредност од 241.343.619 денари или 3.924.286 евра на име на кредити што биле употребени за стекнување на основачки влог во банката и фиктивни кредити кои индиректно ги користеле за сопствени потреби“. велат од обвинителството од каде и потврда дека е донесена и наредба за проценка на замрзнатиот имот и евентуален дополнителен имот во сопственост на обвинетите со кој би се реализирала постапката за конфискација.​
Инаку, кога СЈО го отвори овој кривичлно – правен настан како наводни организатори на злосторничката група ги спомена Љубчо Георгиевски, кој во тоа време беше претседател на Владата, Марјан Ѓорчев, како вицепремиер и Никола Груевски како министер за финансии. СЈО тогаш обвини дека овие тројца, со цел да го контролираат фактичкото функционирање на „Поштенска банка“, организирале во основањето на Банката, покрај „Македонска пошта“, која била во државна сопственост, да учествуваат и правните лица кои тие ги избрале, односно „Ноел експорт импорт“ од Гевгелија и печатница „Европа 92“ од Кочани. Она што е интересно е дека тројцата споменати не можат да бидат кривично гонети, бидејќи за нив настапила застареност на кривичното дело: злоупотреба на службената положба и овластувње.

 

(Љ.Станковиќ)

Спонзорирано