Обвинетите како организатори на насилствата во парламентот на 27. април 2017 година се изјаснија дека не се чувствуваат виноивни, додека обвинителката Вилма Русковска нагласи дека секој од нив „е дел од мозаикот за загрозување на уставниот поредок и безбедноста на земјата“. Така се одвиваше денешното рочиште од судскиот процес против организаторите на „крвавиот четврток“, кој е почеток. Минатото рочиште се одложи за обвинетите да извршат увид во доказите од предметот.
„Обвинителството ќе докаже дека обвинетите кои седат во оваа судница изготвиле план со намера за загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата, со акти на насилство да спречат мирно примопредавање на власта. Резултат на тоа е настанот на 27 април 2017 година“, стои во обвинителниот акт што го прочита Русковска.
За да се добие комплетна слика за овој настан, додаде таа, треба да замислите мозаик во кој секој од сега присутните обвинети претставува една коцка. Истакна дека ако недостига една коцка мозаикот е непотполн, а токму нивните поврзани и усогласени дејствија го претставуваат тој мозаик.
„Дали има докази или нема ќе одлучи судот. Тоа што Трајко Вељаноски и Спиро Ристовски изјавија дека се жртви на политички прогон е нивно мислење и се надевам дека тоа мислење ќе го поткрепат со нешто“, изјави Русковска, по завршување на рочиштето.
Додаде дека од осудените во претходниот судски процес досега само Александар Василевски Нинџа е предложен како сведок.
Вељановски и Ристовски, за време на рочиштето, потенцираа дека се работи за класичен политички прогон. Вељановски, исто така, оцени дека обвинението било креирано за да убеди дел од опозициските пратеници да гласаат за уставните измени.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Јанакиески, Ристовски и Атанасовски се во куќен притвор. Осомничени како организатори беа и поранешниот премиер Никола Груевски и разузнавачот Никола Бошковски, кои се во бегство и за нив беше распишана меѓународна потерница.
Процесот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Русковска. Според обвинението, обвинетите , во почетокот на 2017 година, подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел, ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, прво пред ДИК, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на 27 април.
Почна судењето за организаторите на 27. април
Спонзорирано