По новата снимка на „Ла Верита“: Заев отфрла каква било поврзаност со Боки 13

530

Премиерот Зоран Заев повика на темелна и независна истрага за „Рекет“, која, како што пишува на социјалната мрежа Фејсбук, мора да заврши што е можно поскоро и мора да ги покаже сите детали. Најостро и категорично отфрла каква било поврзаност со осомничениот Бојан Јовановски – Боки 13.
-Резултатот од истрагата мора да донесе преземање одговорност, исклучиво согласно докази и согласно словото на правото. Одговорност мора да има и за осмислувачите и за сите оние кои прават се да се спасат и при тоа се претставуваат како жртви – пишува Заев.
Како што наведува, во најновиот објавен разговор некои од осомничените го спомнуваат и злоупотребуваат неговото име.
-При тоа се изнесуваат лаги и бесмислици со цел едниот соговорник да ја зајакне својата позиција на моќ и авторитет пред другиот соговорник. Најостро, категорично и одговорно отфрлам каква било поврзаност, соработка или комуникација со осомничениот Бојан Јовановски во врска со случајот „Рекет” и за какви било други прашања кои се предмет на истрагата за овој случај, тврди премиерот.
Со Боки 13, како што пишува, единствено разговарал за хуманитарни активности на неговиот Меѓународен сојуз, после што ниту тој ниту Владата немале никаква натамошна соработка, ниту формална, ниту неформална.
-Се имам појавено и на интервјуа во 1тв, како што редовно се појавувам на сите други телевизии и медиуми, во интерес на отвореноста кон јавноста, наведува Заев.
Премиерот уште еднаш ги повика сите истражни органи во целост да го истражат случајот и да носат одлуки.
-Институциите на извршната власт им стојат на располагање со цел свој капацитет на истражните и правосудните органи, наведува Заев.
Според премиерот, Северна Македонија е подготвена за правда, колку и тоа да е тешко и трауматично, правдата доаѓа и секој ќе си одговара за сопствените постапки и тоа во фер, транспарентна и законита процедура. Тој уверува дека, како што пишува, „на непријателите на нашата земја нема да им успее планот преку користење криминалци, манипулатори и измамници да го спречат успехот на земјава, членството НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ“
Интернет изданието на италијанскиот весник „Ла Верита“ и денеска објави снимка од разговор меѓу бизнисменот Јордан (Орце) Камчев и Боки 13. Во најновата објавена снимка тие разговараат за процедурата за предметот „Империја“ на СЈО во која е осомничен Камчев. Тука во еден разговор е вклучена и специјалната обвинителка Катица Јанева, која посредно дообјаснува процедури.
Во еден дел на снимката се спомнува и премиерот Заев, а Боки 13 најавува дека ќе се сретне со него и ќе проба да го наметне Камчев, но нема детали каде и како ќе биде организирана таа средба, дали случајно или наменски само на Заев и Боки13.
Во последната трета снимка нема видео за да се види каде и како се одвиваат разговорите и сето тоа е потпрепен само со транскрипција на разговорот.
Автор на снимките што ги објавува трет ден изданието не е познат, ниту како се снимани и кој ги дистрибуирал. Објавувач е новинарот Ларис Гајсер, познат по своите екстремно десничарски ставови и по блискоста со лица од европската крајна десница, како и со претставници на ВМРО ДПМНЕ.
Од Јавното обвинителство соопштија дека снимките не се добиени од Обвинителството, туку дека станува збор за аудио и видео материјали што се дел од доказната постапка во предметот, а кои до Јавното обвинителство биле доставени од сведок во предметот.