Падна Јово Вангеловски

2691

Јово Вангеловски е разрешен од функцијата претседател на Врховниот суд, поради нестручно и несовесно вршење на функцијата. Директна причина за тоа е одлуката  со која беше ослободен од притвор бизнисменот Сеад Кочан, кој тогаш беше во бегство, а сега издржува затворска казна за предметот на СЈО  „Труст“.

Според информациите, осум члена на Судскиот совет гласале за разрешување на главниот врховен судија. Тој сега има право на жалба до Врховниот суд.

Разрешување за него беше побарано во декември 2017 година. Иако имаше долг адвокатски стаж, Вангеловски во 2008 година влезе во највисоката судска инстанца во земјава без ден судиски стаж, при што како клучна за неговиот избор се споменуваше неговата кумска врска со поранешниот претседател на парламентот Трајко Вељаноски.

По еден мандат пауза – период кога на чело на Врховен суд беше Лидија Неделкова, во 2017 година, пред смената на влста, Вангеловски беше избран повторно на чело на судот. Тоа што неговиот глас можеше да се слушне во „бомбите“ на СДСМ, во тој момент не му беше „пресметано“  како  пречка за враќање на кормилото на  Врховен суд. Во интервју веднаш по реизборот, тој ја призна автентичноста на телефонскиот разговор со поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.

До избор на нов претседател на Врховниот суд, вршител на должноста ќе биде судијата Фаик Арслани. Покрај Вангеловски, на денешната седница на Судскиот совет, беше разрешена и врховната судијка Рахилка Стојковска, која учествувала во одлуката за ослободување на Кочан од притвор.  Постапка за утврдување одговорност за овој случај се води против уште еден судија од Врховен суд, за кој предметот е издвоен, поради здравствени причини.

Пред денешната седница на Судскиот совет, ДУИ се јави со соопштение во кое посочи дека „владеењето на правото, еднаквоста пред законот и доследното спроведување на законот од страна на сите е предуслов за општествена стабилност, интеграција и економски развој“.

„Цениме дека Судскиот совет, Советот на јавни обвинители заедно со судии и обвинители, како и другите институции и носители на јавни функции, своите одлуки треба да ги носат исклучиво во согласност со закон и поткрепени со факти. Секој од нас, политичар, судија, обвинител, сноси индувидуална одговорност за своето постапување или непостапување како и за своите одлуки и никој не е над законот“, пишува во соопштението.

ДУИ, пишува во соопштението, „се дистанцира од секакво политичко мешање во одлуките на институциите кои го спроведуваат законот и сметаме дека неселективната правда и владеењето на правото ќе се обезбеди со добро спроведен ветинг и тоа преставува наш апсолутен приоритет“.

На седницата одржана на 17 јули, точката за разрешување на Вангеловски беше одложена. Тоа го побара новиот член на Судскиот совет, Миљазим Мустафа, за, како што рече, да се запознае со случајот.

Начелното правно мислење што во јануари го утврди Врховниот суд на чело со Јово Вангеловски им оди во прилог и на неколкумина функционери на ДУИ, вклучително со  партискиот лидерот Али Ахмети, затоа што ги прогласи за незаконити сите обвиненија, истраги и предистраги што ова обвинителство ги отвори по 30 јуни 2017 година.

Во почетокот на денешната седница, апелациската судијка од организиран криминал Цветанка Периќ е избрана за судија во Врховниот суд. Периќ беше избрана едногласно, односно со 12 гласа.