Јовески ги презема од Јанева предметите од „бомбите“

1500

Предметите што произлегоа од „бомбите“ на СДСМ, односно од снимките од масовното нелегално прислушување во периодот до 2015 година се селат во редовното Јавно бвинителство. Тоа е исходот по барањето што специјалната јавна обвинителка Катица Јанева го испрати од притворот во Шутка –  случаите на СЈО да бидат предадени во државното Обвинителство.

Од државното обвинителство соопштија предмалку дека стручниот колегиум вчера го разгледал известувањето испратено од јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, доставено преку судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје и известувањето од јавни обвинители на тоа обвинителство. Притоа бил заземен став,државното обвинителство да ги преземе во надлежност и натамошно постапување предметите што ќе му бидат предадени од СЈО.

Ваквиот став, како што се соопштува, е заснован на: уставната положба на Јавното обвинителство како единствен државен орган надлежен за гонење на сторителите на кривичните дела и на други со закон утврдени казниви дела; начелото на легалитет на кривичното гонење, според кое јавниот обвинител е должен да преземе кривично гонење, ако постојат докази дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност; како и обврската во име на општеството да се грижи за ефикасноста на кривично – правниот систем, почитувајќи го принципот на правна сигурност на граѓаните како темелна вредност на владеењето на правото. Постапките по конкретните предмети, како што се наведува, ќе продолжат во надлежните јавни обвинителства.