ОТВОРЕНА ЛИ Е „СЕЗОНАТА НА ЛОВ“ НА ВИЛМА РУСКОВСКА?

1746

Само колку заради потсетување: токму Вилма Русковска донесе некакви пари во државниот буџет, а сега, најверојатно од очај од состојбите коишто владеат во правосудството таа бара помош од надвор

Љубиша Станковиќ

Мислев дека од средината на минатиот месец започнала судската ферија, ама изгледа дека сум се прелажал. Гледам и читам последниве две-три недели што се случува и доаѓам до заклучок дека не се работи за никаква ферија, туку дека започнала ловната сезона. Годинава малку порано…
Претпоставувам дека главата на „капиталецот“ треба да падне до септември. А оваа сезона, како што стојат работите, тоа треба да е актуелната шефица на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупција – Вилма Русковска!
За Вилма пишував пред неколку месеци. Тогаш кажав, а и сега ќе повторам дека немам намера да и’ бидам адвокат на Русковска. Напротив! Дури и добро ја искритикував откако ги измеша работите за неколку конкретни предмети. Тогаш згреши и тука нема што повеќе да се дискутира, но и тогаш и сега сум на став дека секој кој извршува јавна функција треба да биде човек со интегритет и дека за своето постапување треба да даде отчет, како пред своите претпоставен, така и пред целокупната јавност!
Сепак, она што се случува изминатиов период ниту е јавност, ниту е стручност. Што сакам да кажам? Сакам да кажам дека главните критичари на работењето на Русковска се ликови кои ниту ја познаваат, ниту, пак, некогаш ја виделе во животот, се разбира освен на телевизија. Имам целосно разбирање за оние кои ја критикуваат, а некогаш биле обвинети. Тие луѓе имаат причина да не ја сакаат, ама немам разбирање за оние кои под лажни имиња, на социјалните мрежи, ја обвинуваат Русковска за се’ и сешто. Не дека и тие тие немаат свои причини за тоа, ама ти да си го криеш идентитетот, а во исто време најдрско и безобразно да напаѓаш не можам да прифатам!
Не сакам да навлегувам во тоа дали Русковска (и нејзините две колешки) постапиле законски во конкретен случај. Има кој тоа треба да го утврди, но дека тоа треба да го прават ликови кои биле „спорадични“ во некогашното Специјално јавно обвинителство – тоа сигурно не! Не знам кој им е мотивот не за нападите и евидентната нетрпеливост (кој на моменти заличува и на омраза) кон Русковска, ама на тие само ќе им кажам дека токму таа беше единствената која доаѓаше „секој ден во шест“ пред СЈО! Тоа сигурно не го знае и Арафат Муареми, но Верувам дека тоа Вилма го правела со сиот пресметан и непресметан ризик по нејзе и нејзината кариера, ама таа беше таму кога никој друг од нејзините колеги и не помислувале да се појави. А да сакале дотичните можеле да ѕирнат низ прозорците на СЈО и ќе ја виделе. Не знам што мисли Русковска за времето на „Шарената револуција“ и за СЈО, ама за себе знам дека, ако можам да го вратам времето никогаш не би дошол да му дадам поддршка на тоа СЈО! Зошто? Затоа што се покажа дека тоа Обвинителство не го водела Катица Јанева, туку една будала која од нејзе направи уште поголема будала. Доволен беше само еден скандал и СЈО да се распадне како кула од карти. Ќе бидам фер до крај и ќе кажам дека таму имаше многу чесни луѓе и професионалци во работата, но што тоа вреди кога СЈО (читај Катица Јанева – з.а.) „падна“ на подарен двосед и на милионски евро-подарок.
Гледам дека сега има многу незадоволни од вонсудската нагодба помеѓу Обвинителството на Вилма и Орце Камчев. ОК! Можеби се малку пари, можеби е мала и казната, ама секако дека се’ е повеќе од ништо, колку што го обезбеди Катица Јанева и нејзиното СЈО. Ајде да бидеме искрени до крај и да си споменеме дека едикојси Боки, во име на Катица, побара 8 (и со букви „осум“) милиони евра од истиот тој Орце Камчев само за да му го укинеле притворот! Колку исплатил Камчев и ден денеска не разбравме, освен што знаеме дека една торба „Луј Витон“ заврши во рацете на тој Боки, кој, пак, види чудо, ај што има доби и сопствена телевизија, уште го ангажира синот на Јанева за некаков директор во таа иста телевизија!
Не знам кој се’ имал увид во предметите кои беа предмет на спогодување? Дали сите оние кои деновиве коментираат ги знаат доказите? Дали сите тие го знаат Законот и што тој пропишува?
Јас не сум го виде преметот, ама знам дека две години затвор и шест милиони евра на сметка на државниот буџет е многу повеќе од НИШТО, колку што обезбеди СЈО!
И 35 милиони коишто му беа земени на екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков е многу, многу повеќе од НИШТО колку што заплени СЈО. Сега слушам коментари дека Мијаков, имал многу повеќе и дека она што му е одземено е ситница во поглед на тоа што тој поседувал? Ете, нека е и така, ама дали СЈО докажа дека Мијалков нелегално се стекнал со тој имот и со тие пари? А кога веќе ништо не докажеле, тогаш тоа е негово! Патем, денеска секој еден малку побогат тип, (па нека е и градежник) поседува и по неколку стотици станови. Што мислите, колку станови има зградата „пегла“ на Ванчо Чифлиганец? Гарантирано повеќе од сто, но Чифлиганец (без оглед на тоа дали го симпатизирате или не) не може да го подведуваме како криминалец. Знам дека некому примерот нема да му да биде по волја и ќе го смета за неадекватен. Знам дека одма ќе се најдат ликови кои ќе ни ја раскажат „теоријата на завера“, а знам и дека не го познавам човекот и дека немам купено стан од него за да го бранам од напади.
Општо познато е дека сите ние знаеме се’ за секого и знам дека први кои ќе реагираат ќе бидат токму оние кои имаат лажен идентитет, но исто така знам дека не може еден ден да бидеме задолни од тоа што „бројчаникот почнал да врти“, а веќе следниот ден да и’ ја бараме главата на Вилма Русковска, заради нејзино „нестручно работење“! Впрочем, дали сите вие сте многу стручни во своите професии? Ако навистина сте такви професионалци и експерти тогаш навистина се прашувам: Дали само небото е лимит за нас?
Ајде малку полабаво….

 

Спонзорирано