Полицијата, при претрес од четвртоосомничениот одзела 15.795 евра, а од првоосомничениот 210.000 денари, во апоени од по 1.000 и 2.000 денари
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи против 12 лица, а врз основа на расположливите докази, донесе наредба за спроведување на истрага за четири лица за кривично дело: злосторничко здружување, но и како соизвршители во продолжено кривично дело: примање поткуп, а останатите пријавени лица дека сториле кривично дело: злоупотреба на службената положба и овластување.
„По повеќемесечна предистражна постапка, врз основа на сознанија дека на ГП Табановце група полициски службеници на организиран начин извршуваат инкриминирани дејствија со коруптивни елементи, под раководство на предметниот јавен обвинител беше спроведена полициска акција. Во акцијата, се извршени претреси на 27 полициски службеници, како и претреси во службените простории на ГП Табановце и домовите на дел од пријавените и притоа се приведени 9 полициски службеници. На почетокот на 2020 година, осомничените-командир на ПС за гранични проверки, двајца виши полицајци во истата полициска станица и еден полициски службеник, опфатени во наредбата за истражна постапка, со намера за себе да прибават противправна имотна корист, создале група со цел да вршат кривични дела примање поткуп, од чл. 357 и злоупотреба на службената положба и овластување, од чл 353 од Кривичниот законик, а за кои кривични дела може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна“, се вели во соопштениетона Јавното обвинителство од каде и појаснување дека првоосомничениот, најпрвин како раководител на смена, а потоа и како командир на ПС ги распоредувал или влијаел да бидат распоредени останатите тројца осомничени на работни места во кабини каде што има поголема фреквенција на патници за влез и излез од државата. Тројцата полициски службенци кои вршеле пасошка контрола имале задача да бараат и примаат подарок од 5, 10, 20 или 30 евра за себе и за првоосомничениот за да пропуштат возила кои што немале зелен картон за влез и за излез во државата, немале полномошно за управување со возилата, немале патни исправи, возачки дозволи или друг задолжителен документ. Групата, од почетокот на 2020 година, па сѐ до завчера, примала поткуп, а од примените парични средства секој месец на првоосомничениот му давале по 150 евра.
На 25 декември при спроведените претреси кај осомничените се пронајдени предмети, подароци и поголема сума на пари за кои постојат основани сомненија дека потекнуваат од извршените кривични дела за кои се осомничени. Па така, кај четвртоосомничениот пронајдени се 15.795 евра во банкноти во апоени од по 5, 10 и 20 евра и 30 швајцарски франци, додека кај првоосомничениот се пронајдени 210.000 денари во апоени од по 1.000 и 2.000 денари. Воедно, во зградата на ГП Табановце, односно во кујната, во метален сад, биле пронајдени 420 евра и 20 франци.
Надлежен Јавен обвинител, до Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, доставил предлог за изрекување на мерка притвор за четворицата осомничени, притвор во траење од 8 дена за две лица, а за петмина за кои се води скратена постапка предложи мерки за обезбедување на присуство.