Осум дена притвор за Емил Јакимовски заради сторено семејно наилство

2196

Кривичниот суд го прифатил предлогот за изрекување на притвор, а граѓанскиот суд, на втори декември минатата година изрекол серија забрани за Јакимовски, а препорачал и негов преглед на Клиниката за психијатрија

Судија на претходна постапка, од скопскиот кривичен суд Скопје, доцна попладнево го прифати предлогот на јавниот обвинител и му определи краткотраен притвор, односно притвор во траење од осум дена на Емил Јакимовски кој се сомничи за продолжено кривично дело: загрозување на сигурноста од член 144 став 2 (при вршење семејно насилство), како и за кривичните дела: загрозување на сигурноста од член 144 став 4 (по пат на информатички систем) и неизвршување на судска одлука од член 377 став 5.
Предлого на обвинителот дојде поради постоење на оправдан сомнеж дека осомничениот може да се даде во бегство, да го повтори делото или да го изврши кривичното дело со коешто се заканувал.
„Врз основа на првата пријава произлезе основано сомнение дека осомничениот со умисла извршил повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на истото дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики. Тој, како поранешен сопруг на една оштетена, во периодот од декември 2019 година до 16 овој месец и ја загрозил сигурноста со сериозна закана дека ќе нападне врз нејзиниот живот и тело и врз животот и телото на нејзино блиско лице. Притоа, тој не го почитувал Решението на Основниот граѓански суд Скопје со кое била издадена наредба: Привремена мерка за заштита на правата на оштетената од семејно насилство, односно и покрај судската забрана постојано психички ја вознемирувал и и се заканувал“ се вели во соопштението на обвинителството од каде и појаснување за втората кривична пријава, според која Јакимовски од минатиот ноември до 13. овој месец им се заканувал на две оштетени дека ќе изврши кривично дело убиство. Заканите биле упатувани преку СМС пораки и мобилни апликации.
„Правосудство“ ексклузивно го објавува решението на скопскиот граѓански суд, од втори декември минатата година, со кое му се изрекуваат неколку забрани на сега притворениот Јакимовски, а со цел да се спречи семејното насилство. Имено, судот, прифаќајки го предлогот на Јавната установа – Меѓуопштински центар за социјални работи на град Скопје, донесува решение со кое на Емил Јакиомовски му се забранува: да и се заканува на сопругата, да ја малтретира, вознемира, телефонски да ја контактира сопругата и невното дете, како и членови на семејството на сопругата.
Судот му забранува на емил Јакимовски да и се доближи на помалку од 100 метри на сопругата било тоа да е дома, на работно место или на отворен простор, а за него се наредува задолжителна посета на Клиниката за психијатрија, заради утврдување на неговата здравствена состојба и доколку се јави потреба тој да се лекува.
Наредбите на судот се однесуваат за период од половина година, но Јакимовски, пред само два дена беше пријавен за семејно насилство.

Спонзорирано