ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ СО ИСТРАГА ЗА ЛИДИЈА ДИМОВА

237

Јавното обвинителство, постапувајќи по пријава на Финансиската полиција, освен директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, осомничи уште три други лица

Постапувајќи по поднесена кривична пријава, од Управата за финансиска полиција, денеска, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ( ОЈО ГОКК) издал наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица.
Како што вчера пишуваме Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава за директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, кајко и за сопственикот на „В.Е.З. Трејд“, Зоран Златковски, надворешниот соработник А.Г. и А.П., благајник во Националната агенција.
Имено, три лица, како соизвршители, се осомничени дека сториле кривично дело: измама на штета на средства на европската заедница од член 249-а од Кривичниот законик, а Димова и за продолжено кривично дело: злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 и став 3 во врска со став 1, а благајникот се сомничи за: несовесно работење во служба предвидено и казниво во член 353 -а став 1 од Кривичниот законик.
„Во текот на денешниот ден, Обвинителството, до Основниот кривичен суд – Скопје достави предлог за изрекување на мерки на претпазливост согласно чл.146 став 1 точки 2, 3 и 7 за тројца осомничени. Односно, заради обезбедување на присуство и за непречено водење на кривичната постапка, Обвинителството му предложи на судот на осомничените да им определи мерки на претпазливост и тоа обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, времено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство, а со кое се појаснува дека судската одлука ќе биде донесена во редовна постапка.​
Финансиската полиција цени дека осомничените предизвикале штета во избнос од 25.334.543 денари или повеќе од 410.000 евра.
Лидија Димова, како директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, во јавноста беше обвинета дека на фризерски салон, во период од три години, му уплатила 270.000 евра, средства кои биле наменети за наставни програми. Медиумите пишуваа дека многу пари се издвојувале за дресура на магариња, дека се земале возила под лизинг, но и за други слични проекти, а пари се арчеле и за службени патувања.
Во неколку наврати Димова се обиде да ги негира обвинувањата, но државниот Јавен обвинител, Љубомир Јовески, гостувајќи на една телевизија, најави ваков расплет на случувањата во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

(Љ.С.)

Спонзорирано