Актерката се доведува во релација со лицето Војислав Будисављевиќ, кој, пак, пред повеќе од 10 години, во отсуство, беше осуден за фалсификување на лични исправи, во случајот наречен „Мадам Пепи“
Дали глумицата Силвија Стојановска се нашла во погрешно време на погрешно место или, пак, нејзиното приведување има правна основа за да биде поведена кривична истрага? Дали Стојановска го познавала извесниот Војислав Будисављевиќ чие име во јавноста се споменува уште од крајот на 2009 годин, а кој, за фалсификување на лични исправи, во отсуство, беше осуден на 3,6 години затвор? Дали на ова, сега притворено лице, а по неговата екстрадиција во октомври 2014 година, му било дозволено повторување на судската постапка и докажување на евентуалната невиност и ако не е зошто за тоа Обвинителството јавно не се произнело, со оглед на тоа што случајот наречен „Мадам Пепи“ беше максимално медиумски експлоатиран?
Вакви и уште еден куп прашања се отвораат по вчерашното приведување на скопската актерка Силвија Стојановска, за која на големо се пишува дека, наводно, била инволвирана во трговија на 700 килограми кокаин, којшто неодамна бил запленет во Шпанија.
Од Јавното обвинителство се очекуваат појаснувања за овој случај, секако не и детали кои ќе и попречат на истрагата, но тешко е да се поверува дека Стојановска тргувала со 700 килограми кокаин. Всушност, истрагата многу лесно може да провери дали и во кое време Стојановска престојувала во Шпанија и доколку тајмингот се поклопи со времето на транспортот на кокаин од Јужна Америка во Шпанија, тогаш да ќе треба да се проверат сите нејзините лични средби со поединци и сите нејзини телефонски контакти, како сите трансакции на пари.
За истрагата не мора да е спорно познанството на Стојановска со лицето Војислав Будисављевиќ, но се отвора прашање дали токму тој има нешто со овој случај, бидејќи за предмет со нелегална трговија со кокаин на пет години затвор беше осудена неговата познаничка Персида Момировска. Имено, Момировска, на 16 јуни 2010 година, заради поседување и тргување со наркотични дроги беше осудена на 3,6 години а за прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама уште 1,6 години затвор. Судењето на „Мадам Пепи“, како што беше наречена Момировска, ќе остане запаметено по тоа што таа непосредно пред да ѝ биде изречена затворската казна му посака „пријатен ден“ на претседателот на судечкиот совет. Момировска беше обвинета дека од Лима, главниот град на Перу, нарачала кокаинска паста. Обивинтелството тврдеше дека кокаинската паста, со вкупна тежина од 1.910 грама, требало да заврши на домашниот нарко пазар. Кокаинот, преработен како млечно бела материја, бил спакуван во пратки од 620, 705 и 585 грама. Пратката била испорачана од извесна Медлин Гуевара Макахуачи, од Перу, а како примател се јавува близок роднина на Момировска. Кокаинот во Скопје ќе пристигне на 28. јануари 2010 година, но освен дрогата од неа ќе биде одземена и скапа и брендирана текстилната стока.
По повеќе од четри години од објавата на пресудата за Персида Момировска, во Скопје ќе се најде и Војислав Будисављевиќ. Со авио лет од Брисел, белгиските власти, на 2 октомври 2014. година, а по претходно распишана потерница заради издржување на затворска казна, го екстрадираа Будисављевиќ. На екстрадицијата негово преходело апсење, на 11 септември 2013 година. Но тој бил приведен заради сторени кривични дела на територијата на Белгија. Името на Будисављевиќ беше доведено во контекст со Момировска, откако кај неа, по извршен полициски претрес, во стан на „Иво Лола Рибар“, биле пронајдени фалсификуван пасош, лична карта и возачка дозвола. Исправите гласеле на име на бугарскиот државајнин Лазо Симов.
(Љ. Станковиќ)