Претепан Тони Трајковски, судењето за „ТНТ“ одложено на кратко!

3813

И натаму останува неизвесно појавувањето на поранешниот градоначник на скопската општина Гази Баба, а сега обвинет за противправно уривање на станбено-деловниот објект „Космос“, Тони Трајковски, на судењето за предметот наречен „ТНТ“.

Иако одложувањето на процесот е на само еден час, сепак не може точно да се каже дали Трајковски ќе дојде или не, откако неговиот бранител, адвокатот Јовица Страшковски, со поднесок до судот, потврдува дека неговиот клиент вчера вечер бил претепан на отворен простор и дека Трајковски, кој имал видливи повреди на телото и главата, побарал медицинска помош.
Претседателот на судечкиот совет, судијата Огнен Ставрев, потврдува дека утрово имал телефонски разговор со лекарот кој го издал извествувањето за Трајковски и дека му било кажано дека тој е во добра здравствена состојба и е на пат кон дома. По ова, судот даде пауза од еден час, но доколку Трајковски не се појави во овој рок тој стражарно ќе биде спроведен во кривичниот суд.
За претепувањето на Тони Трајковски потврда доаѓа и од Министерството за внатрешни работи од каде информираат дека: „На 22.12.2019 околу 23,35 часот Т.Т. пријавил дека во Скопје на пешачка патека во близина на болница, по претходна вербална расправија со две лица, бил физички нападнат од нив. Се работи на расчистување на случајот.“
За урувањето на објектот чиј сопственик е бизнименот Фијат Цаноски, освен Тони Трајковски, обвинет е екс-министерот Миле Јанакиески, Елизабета Најдовска, Насер Алев, Марика Зафировска, Александра Димитриева, како и бегалецот Никола Груевски.

( Фото: Преземено од МКД.МК)

Спонзорирано