ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОСОМНИЧИ ДВЕ ЛИЦА ЗА ПЕРЕЊЕ ПАРИ

589

Претреси, освен во нашата земја, биле извршени и во Белгија и Холандија, бидејќи во Западна Фландрија постоеле плантажи на марихуана

 

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), постапувајќи по барање за меѓународна правна помош под раководство на предметен обвинител, денес, од раните утрински часови се спроведува акција на шест локации на подрачјето на Скопје, при што од слобода се лишени две лица. Во исто време акции се спроведени во Белгија и Холандија.
Обвинителот од ОЈО ГОКК веќе донел нареба за отворање истрага за кривично дело: перење пари и други приноси од казниво дело.
„Според добиеното Барање за меѓународна правна помош, под раководство на белгиски истражен судија се спроведува истрага за криминална организација која меѓудругото се занимава и со неовластено одгледување на канабис и продажба на наркотична дрога. Од дејствијата на Истражниот судија и Федералната судска полиција на Западна Фландрија, утврдено е дека поголемиот дел од членовите на организираната криминална група се македонски државјани или потекнуваат од нашата држава, а останатите се од Холандија, Бугарија и белгиски државјани“, се вели во соопштението на Обвинителството и се појаснува дека групата, на неколку плантажи во Белгија, од први јануари 2020 година започнала со одгледување на канабис, а секој член на криминалната група имал своја улога во организацијата, односно во оддржувањето на насадите, продажбата, транспорт, оддржување на локацијата за одгледување на марихуаната и плаќање на сметки за комунални услуги со лажни патни исправи.
Осомничените македонски државјани периодично биле на релација Белгија и Холандија – Република Северна Македонија. Тие, делл од парите ги носеле дома, а со дел се купувал недвижен имот во Белгија.
„Во акцијата се запленети парични средства, оружје, возила и златен накит, како и докази од трансакции на големи суми на пари на банкарски сметки, притоа од слобода се лишени две лица кои ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје. Ценејќи дека постојат околности што укажуваат на постоење на опасност осомничените да се дадат во бегство, да се сокријат, како и да ги уништат трагите од кривичното дело, да влијаат врз сведоци или да го повторат делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка ќе достави предлог за определување на мерка притвор за осомничените. Воедно, обвинителството ќе побара и привремено замрзнување на имотот на осомничените лица“, велат од Обвинителството и потврдуваат дека во Белгија од слобода се лишени 11 лица и дека бил извршен претрес на 20 локации, додека во Холандија, при претрес на пет локации, биле уапсени пет лица и дека меѓу уапсените лица има и македонски државјани.

Спонзорирано