Обвинетите во „Змиско око 2“ не сториле злоупотреба, а злосторничкото здружување – застарело!

416

Скопскиот кривичен суд ја соопшти повторената пресуда за случајот наречен „Змиско око 2“, кој датира уште од крајот на 2008 година, кога за кривични дела: злосторничко здружување и за злоупотреба на службената положба беа обвинети 25 инкасатори и раководители на наплатни станици.
„Основниот кривичен суд Скопје, по дадени завршни зборови од јавниот обвинител и прецизирање на обвинителниот акт како и завршни зборови на обвинетите и нивните бранители ја објави пресудата во предметот со КОК бр. 41/08 во јавноста познат како „Змиско око 2““, се вели во дел од соопштението на судот кое беше вчера објавени и во кое се потенцира дека „со првостепената пресуда сите 22 обвинети, од кои за две лица се водеше раздвоена постапка, се ослободуваат од вина за кривичното дело од чл. 353 ст.5 в.в. со ст.3 од КЗ односно злоупотреба на службената положба додека за кривичното дело од чл. 394 ст.1 од КЗ за дел од обвинетите и 394 ст.2 од КЗ за преостанатите обвинети односно за злосторничко здружување судот донесе одбивателна пресуда заради настаната апсолутна застареност“.
Она што е интересно за овој случај се однесува на штетата која сега осудените ја причиниле со своето работење. Имено, на оваа група, со обвинението, не и беше наведен износ на причинета штета, бидејќи обвинителството, во предметот кој му претходеше на овој случај и во кој обвини 80 други вработени на патарините, наведе „претпоставена штета“ во износ од 171.403.565 денари или безмалку три милиони евра. Оваа сума требаше да и биде надоместена на Агенцијата за државни патишта.

Спонзорирано