Обвинение за поранешните градоначалник и претседавач на Советот во Велес

1563

Основното јавно обвинителство – Велес до Основниот суд во општината поднесе обвинителен предлог против поранешен градоначалник и против поранешен претседател на Советот на општина Велес кои се товарат за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Според соопштението на Обвинителството, првиот обвинет, како службено лице – градоначалник на општината, со искористување на својата службена положба и овластување, за вториот обвинет прибавил имотна корист од поголема вредност. Спротивно на одредбите од Правилникот за користење и одржување на службените моторни возила и на наредбата за користење и одржување на службените моторни возила, тој со усно одобрение допуштил тогашниот претседател на Советот во периодот од 23 февруари 2014 година до 09 август 2016 година, во повеќе наврати, да користи две службени моторни возила за лични приватни потреби, без реверс за нивно користење и без притоа да достави пополнет евидентен лист за патувањето.

Вториот обвинет, пак, како одговорно лице – претседател на општинскиот Совет, без поднесено писмено барање, возилата ги управувал самостојно и со искористување на својата службена положба и овластување за себе прибавил имотна корист од поголема вредност. Тој во повеќе наврати вршел и набавка на гориво за двете возила во количина од 2.880 литри и во вредност од 170.598 денари, за кои била извршена исплата од сметката на оштетената општина Велес по доставени фактури изготвени врз основа на испратници своерачно потпишани од обвинетиот, објаснуваат од Обвинителството.

Во периодот од 2013 до последните локални избори во 2017 година, градоначалник на Велес беше Славчо Чадиев, а претседавач на општинскиот Совет Александар Колев – и двајцата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Спонзорирано