Лекари, корона, судии, солидарност и курчење!

2211

Еден суд одлучил да биде солидарен во време нс војна со коронавирусот и успеал да собере нешто над 1.300 евра или малку повеќе од една плата на еден судија

Да беа сега на власт Никола Груевски и Михајло Маневски судиите немаше сега толку да се „курчат“, туку од дома ќе носеа свои пари и ќе се натпреваруваа во покажување\докажување на нивната лојалност

 

Љубиша Станковиќ

 

На седница на Влада одлучивме дека сме ја победиле пандемијата што ја предизвика вирусот КОВИД – 19 . Сега, откако ја завршивме главната работа, ни остана уште војната да ја запишеме во историските читанки, секако со акцент на тоа дека сме имале 2.000 заразени и повеќе од 100 починати лица!
Велат дека лекарите и другиот здравствен персонал биле нашите „првоборци“ и наши херои? Не знам дали е така, но гледам дека им се смее награда од по 20 отсто на основната плата и тоа ретроактивно – за два месеца? Некои што многу подобро знаат математика тврдат дека медицинскиот персонал во наредните два месеца, во просек, ќе прими на двапати по 100 или вкупно по 200 евра?
И таман да се израдувам на ваквата дарежливост за тоа што два месеца си ја носеа главата во торба, се сетив и веднаш ми падна жал, бидејќи наградата се всушност парите што солидарно ги одвоија некои судии?!
Не знам дали на пошироката јавноста ѝ е познато, ама деновиве како најголема тајна се чуваат имињата на оние судии кои не сакале да ги дадат и тие 200 евра, а најзаинтересирани за откривање на нивниот идентитет биле оние нивни колеги кои сакаа и дадоа 200 евра од платите за март и април кои, пак, се некаде по околу 2.000 евра?!
Еден скопски и еден суд во внатрешноста на државата донираа пари со „соопштение“! Имено, едниот од двата суда за борба со короната издвои 84.600 денари или нешто над 1.300 евра или речиси колку една плата на само еден судија! Значи? Тоа значи дека се работи за многу пари за „изразување на солидарност во справување со кризата!“
Мене навистина не ми беше јасна одлуката на Владата со која се бараше судиите да примаат плата во висина од по 14.500 денари или 250 евра? Таков еден износ е дури четри пати помал од тој што судиите го примаат како плата, а тоа недвосмислено потврдува дека нивните потреби се четири пати поголми од потребите на останатото граѓанство!
И која е таа извршна власт што си дозволува да се меша во третата власт и во независното судство?
Убаво судиите си поведоа иницијатива до Уставниот суд, а тој, пак, уште поубаво си одлучи! Е сега, не ми се допадна „курчењето“ на судиите со потпишување на имиња на оние кои дале пари „од свој џеб“ и со тоа покажале „невидено ниво“ на свест и на солидарност! Сега испаѓа дека тие „одвојуваат од уста“ за да дадат некому, кому навистина треба да му се даде. Можеа судиите, наместо „курчење“, да кажат дека и нивното Здружение донесе некаква одлука која се однесуваше на намалување на платите, а во корист на борбата со корона-пандемијата, но за тоа не беше издадени никакво службено соопштение или барем јас не сум сретнал таво нешто? Чинам дека требаше да одвојотам една третина од платата? Ама, ајде…
Да бидам искрен, малку ми е жал што Никола Груевски и неговиот министер за (не)правда Михајло Маневски веќе не се власт. Да беа сега Груевски и Маневски немаше судиите да се „курчат“, туку од дома ќе носеа свои пари и ќе се напреваруваа во покажување\докажување на нивната лојалост, само за да си го сочуваат работното место!
Впрочем, кое е тоа Здружение на судии кое, во време на Груевски, односно за период од десет години, не одржало ни десет состаноци, а и тие што беа одржани секогаш беа со непријателски тонови упатени кон медиумите и новинарите! Така ќе биде и сега! Повеќе од извесно е дека ќе следи реакција! Ќе проработи „условниот рефлекс“ на судиите. Тие не трпат критика, оти тие се, нели, власт и фела која се залага за владеење на правото?!
А дека тие се најдобри потврда се бројните извештаи на Европската комисија, на Стејт депаратментот и на други меѓународни институции. Секаде судството и судиите се на прво место! И токму затоа од судиите се очекува ново „курчење“ и покажување на мускули и секако, да си ги задржат парите кои крваво ги заработија во време на пандемија од корона вирусот со нивно седење дома!
Конечно, со тоа што седеа дома и не работеа ништо, многу судии ѝ помогнаа на оваа земја, бидејќи не предизвикаа нови штети.

П.С.
Иако непримерен, зборот „курчење“ некако најмногу ми одговара во објаснувањето на она што народски се вика фалбаџиството. Доколку некој цени дека некого сум навредил јас однапред се извинувам.