КОЛЕ ШТЕРЈОВ СЕ ЖАЛИ ДЕКА СОВЕТОТ НА ОБВИНИТЕЛИ Е ЗАТРУПАНИ СО ПРЕТСТАВКИ

    803

    За разлика од Штерјов, собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците цени дека во годишниот извештај има само статистички податоци и нема никаква аналитика

    По вкупно 201 претставка постапувал Советот на јавни обвинители минатата година, што претставува зголемување на обемот на работа за 35 претставки или за 24 отсто во споредба со 2017 година кога имало 166 претставки. Од вкупниот број преставки, 178 се од граѓани, 165 се од оштетени, осум се од обвинети, а пет се од други субјекти. Вo 62 случаи претставките се однесуваат на работата на конкретни обвинители, а во 139 претставки е изразено незадоволство од работата на обвинителствата.
    Извештајот за работата на Советот за јавни обинители, за 2018 година, денеска го разгледуваше собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците. Пратениците изнесоа забелешки за содржината на извештајот, оценувајќи дека тој содржи само статистички податоци и нема аналитички пристап за тие да добијат комплетна слика за работата на Советот и на обвинителите во земјата. Дел од пратениците сметаа дека последниот извештај е сличен на оној од 2017 година.
    Претседателот на Советот Коле Штериев, повикувајќи се на изрека на старите Римјани одговори дека „формата е содржината“ и оти годишниот извештај бил прифатен од страна на членовите на Советот.
    Снежана Калеска Ванчева, од СДСМ, рече дека од извештајот се гледа дека „не мрднале многу работите“ во Советот на обвинители, во споредба со 2017 година, и посочи дека во одредени обвинителства, како на пример во Крива Паланка, сѐ уште нема избрано обвинители.
    Штерјов не се согласува дека Советот доставил извештај од кој не може да се цени за неговата работа и за работата на обвинителствата. Тој објасни дека недостигаат обвинители и оти нивната проекција е дека во земјата има потреба од 238 обвинители, а се пополнети само 190 места. Проекцијата на Советот е дека во наредните две години ќе има потреба од 65 нови обвинители, не земајќи предвид каков ќе биде решението за Специјалното јавно обвинителство. Во 2018 година биле избрани 25 нови обвинители. Дополнително, за некои обвинителски места како во Крива Палнка или Берово немало кандидати. Штерјов рече дека после три години, во август, треба да излезат нови обвинителски кадри од Академијата за судии и обвинители.
    Во однос на претставките, пратениците забележаа и дека во извештајот не е наведено за кои јавни обвинители се однесуваат 62 претставки. Зоран Илиоски, од ВМРО-ДПМНЕ, се интересираше и колку дисциплински постапки поднел Советот за работата на обвинителите, на што Штерјов одговори дека Советот нема ингеренции за поведување вакви постапки. Тој истакна и дека врз основа на поднесените претставки немало причина за барање за разрешување на обвинител.

    Спонзорирано