Кој ли го следи Мицкоски?

1400

„Никој не се надеваше дека толкави глупости може да се кажат“,  беше првата реакција на  премиерот Заев, по тврдењата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека го следат полициски служби и дека се планира негово апсење

Иако нема информации дека против опозицискиот лидер Христијан Мицкоски во моментов се води каква било кривична постапка, во која било фаза, тој јавно соопшти дека стравува од апсење кое, како што оценува, би било политички мотивирано. Во интервју на Алфа, говорејќи за последната полициска акција во која беа уапсени и неколку вмровски функционери, меѓу кои и членот на извршниот комитет Димитар Димовски, Мицкоски соопшти дека наводно е следен од полицијата. Со тоа предизвика жестоки реакции од премиерот Зоран Заев, но и од вицепремиерот Оливер Спасовски, кои ги оценија како „глупости“ и „лаги“ тврдењата на опозицискиот лидер.

„Имам јасен план во таков случај. Свесен сум дека може да дојде до тоа. Сум разговарал со луѓе од моето семејство дека од Заев и луѓето околу него сè може да се очекува. Ова е апел до луѓето од специјална единица од МВР кои се врткаат околу мојата куќа, со изговор дека го набљудуваат блискиот училиштен двор. Знам која е целта на оваа деспотска власт. Мислам дека во тие сценарија ќе биде некој план за приведување на лидерот на опозицијата и други блиски соработници околу него“, рече Мицкоски.

Тој упати апел до, како што рече, граѓаните и оние од раководството на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе останат, да продолжат да се борат и да не носат одлуки под емоција.

„Никој не се надеваше дека толкави глупости може да се кажат. Ако се бориме за правна држава, треба да оставиме правните процеси да течат“, беше првата реакција на Заев по интервјуто на опозицискиот лидер.

Премиерот рече дека сите имаат обврска да дадат придонес за враќање на правната држава, а пресумпцијата на невиност мора да се почитува.

„Однапред да давате квалификации за некој дали има вина или не, дали некој нешто нарачувал или не…, е срамота“, потенцира Заев.

Од МВР, пак, реагираа со демант на изјавата на Мицкоски дека полициски службеници го следат од политички мотиви и подготвуваат негово апсење.

„Злоупотребата на МВР беше карактеристика токму на партијата чиј претседател е Мицкоски и токму поради тоа во изминатите две години во МВР се спроведоа и се во тек реформи кои имаа за цел искоренување на незаконските дејствија“, стои во демантот од МВР. Од Министерството посочија дека на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на негово барање, од минатата година му е доделено обезбедување од припадници на полицијата.

Минатата седмица обвинителството отвори истрага со која се опфатени 11 лица за нелегална продажба на државно земјиште спроти Градскиот парк, а на една од спорните парцели требало да се градат шпанските скали. Меѓу осомничените на кои им е одреден притвор, покрај поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и претседателот на општинскиот комитет на Аеродром, е и Димитар Димовски од ИК на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше државен советник во Министерството за транспорт и врски. Димовски важи за еден од најблиските соработници на Мицкоски.

Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, пред неколку месеци, го посочи Димовски како еден од сопствениците на Енерготек ДОО Скопје.

„Се дозна како конзорциумот, во кој удел има Мицкоски, добил согласност за користење вода и закуп на земјиште за изградба на хидроцентрали од Владата на Никола Груевски, во 2015 година, во време кога бил негов советник за енергетика. Но овие шеми се надградени и проширени со други членови на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кои имаат удел во сопствеништвото на компанијата ‘Енерготек’ ДОО Скопје“, тврдеше Костадинов есента минатата година, посочувајќи притоа на Димовски.

За случајот со хидроцентралите на Мицкоски се знае единствено дека предмет отвори Антикорупциската комисија, пред вториот круг од претседателските избори. ДКСК требаше да испита како лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во време додека бил директор на ЕЛЕМ и советник за енергетика на поранешниот премиер Груевски, добил под концесија државно земјиште од 33 илјади квадратни метри и концесија за користење води за изградба на хидроцентрали како сопственик на фирмата „Енерготек“ ДОО Скопје.

Целиот текст на „Независен весник“

Спонзорирано