Камчев и Трајковска сведочеа за „Тортура“

826
Судењето за предметот на СЈО „Тортура“, односно за апсењето на Љубе Бошкоски, по парламентарните избори во 2011 година,  продолжува по одморите, поточно на 13 септември.
На денешното рочиште за овој случај, што го води судијката Александра Ристевска, а застапник на обвинението е Љубомир Лапе од СЈО, беа сослушани како сведоци бизнисменот Јордан Камчев и новинарката Оливера Трајковска.
На прашање од обвинителот Лапе дали знае зошто е повикан денеска, Камчев рече дека не знае.
– Од медиуми ми е познато, што и на вас ви е познато, дека МВР спровело акција за некој што земал мито. За случајот, како и сите тука, имам разговарано со многу луѓе по телефон – изјави Камчев.
Прашан дали во обвинителство му бил предочен разговор со Оливера Трајковски, Камчев посочи дека и тогаш и сега кажува дека тие разговори не ги признава како автентични.
Претходно, пред судот беше сослушана новинарката Трајковска.
На прашање од обвинителот, таа рече дека и во обвинителството потврдила дека снимката од нејзиниот разговор со Камчев е автентична, како и дека во однос на снимките кои ги слушнала во обвинителството нема особено што да додаде за настанот за случајот „Тортура“.
– Се сеќавам живо на разговорот од снимката затоа што тоа е ден по изборите и победата на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година. Треба да разберете дека не ги помнам датумите, туку ги помнам настаните, кои како новинар ги сметам за интересни – рече Трајковска.
Од разговорот, како што наведе, може да заклучи дека откако ги споделува нејзините согледувања за изборните резултати, Камчев ѝ кажува дека за околу еден час ќе се случи нешто интересно.
– Од аголот на мојата тераса, колку можев да видам, имаше многу новинари на паркингот пред „Воденица“. Го видов и Љубе Бошковски и после некое време имав впечаток дека се врши некаков увид, бидејќи само вртеа околу возило – изјави Трајковски.
Третиот сведок, повикан за денешното рочиште – Иво Котевски, не беше присутен, поради неможност на органите за прогон за негово лоцирање на адресата на живеење.
Во „Тортура“, покрај поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков,  се обвинети и поранешниот прв човек на единицата Алфи, Ивица Антевски Пуки и уште петмина припадници на единицата.