Кога Владимир Панчевски „делегираше“ судии!

4147

Апслоутно е неточна констатацијата дека Владимир Панчевски им давал предмети на повеќе судии, бидејќи најголемиот број од оние кои сега се споменуваат тој ги „елиминира“ така што ги испрати да работат во Одделот за прекршоци

 

Љубиша Станковиќ

 

Дали во додавањето нови имиња на судии од скопскиот кривичен суд, како што тоа се случува изминативе неколку дена, а по изведувањето на можеби „крунскиот доказ“ на судењето на Владимир Панчевски дека предметите кои се однесувале на поранешни функционери не им биле давани на работа на Татјана Михајлова и на Лидија Петровска, е со тенденција заради нивно дискредитирање, односно нивна „елиминација“ во постапките кои допрва ќе следат?

Изминативе неколку дена сме сведоци дека некако како да се шири листата со имиња на судии кои, наводно, од сега осудениот Панчевски добивале предмети на рака. Па така, освен имињата на Татјана Михаловска и Лидија Петровски, (а кои беа споменати на судењето во велешкиот суд), се наведуваат и имињата на судиите Јани Нича, Александра Ристевска, Моника Бахчовановска, Оља Ристова и уште неколкумина други.

Вистината е дека најголемиот број од споменатите таман се и да сакале да примат предмет на рака не можеле, бидејќи и самите беа во немилост на Панчевски, кој, пак, од позиција претседател на скопска „единица“ ги постави на нови работни позиции – далеку од Оддлението за гонење на организиран криминал и корупција.
Педантните хроничари на случувањата во скопскиот кривичен суд ќе се присетат дека под изговор дека постои заложба за „што поефикасно работење на судот“, а притоа повикувајќи се на од него изготвениот годишен распоред за работа, Панчевски успеа да помести 11 судии од кривичниот суд.

Годишниот план за работа на судиите, за 2016. година, скроен според желбите на Владимир Панчевски, предвидуваше прераспоредување на судиите Александра Ристевска, Лидија Трајковска-Зимбовска, Моника Бахчовановска, Оља Ристова и Огнен Ставрев во Одделот за прекршоци.

Оваа група судии поднесе приговор на одлуката на Панчевски, а како главен аргумент беше наведен дека тој ниту разговарал со нив, ниту побарал нивно мислење по однос на новите прераспоредувања. Нивните приговори беа прифатени, но тој одлучи да не ја почитува наредбата на Врховниот суд, па во реалноста и не се случи нивно враќање на почетните позиции.

Со годишниот распоред Панчевски го прераспредели и судијата Владимир Туфегџиќ. Тој, од Истражен судија во Одделот за организиран криминал беше ракоположен за судија кој треба да суди стари и предмети кои се пред застарување. И случајот на Туфегџиќ има свои посебности. Имено, незадоволен од одлуката на Панчевски да биде распореден на друго работно место без притоа да биде консултиран Туфегџиќ вложи жалба до Врховниот суд, кој, пак, ја прифати жалбата и наложи тој да биде вратен на старата работнма позиција. Но, Владимир Панчевски не само што не го послуша „највисокиот суд“, туку цели шест месеци не му даваше предмети за судење на Туфегџиќ, а тој требаше да суди предмети кои се пред застарување?! За ваквото однесување на Панчевски судијата Туфегџиќ, писмено, го информираше и Судскиот совет, но тој не презема мерки против него.

И наместо да го корегира сопственото однесување Владимир Панчевски, преку соопштение, информираше дека нов судија во Одделот за организиран криминал е судијата Ненад Савески, а судијата Даниела Димовска е распоредена во Одделот кривично претходна постапка. Станува збор за судијката која го ослободи газдата на „Транамет“, Сеад Кочан, да замине на некаков службен пат кој траеше три месеци.
Дека не сите судии добивале предмети на рака и со заобиколкување на АКМИС – системот потврда е и однесувањето на судијката Татјана Михајлова, која ќе го замени Панчевски на местото претседател и која ќе продолжи со експериментирање со имињата на нејзините колеги со новиот годишен план. Имено, со годишниот план за работа на судиите, за 2017. година, Михајлова, на колегиум ќе ги информира своите колеги дека дваесетина од нив ќе се најдат на нови работни позиции.

Судиите се посомневаа во намерите на Михајлова, а некои од нив го „препознаа“ токму Владимир Панчевски. Всушниост, судиите беа на мислење дека новиот годишниот распоред претставува одмазда кон оние кои тие ги сметат за „неподобни“, но во исто време се и нужност за оние другите кои ќе треба да ги водат постапките кои што се иницирани од Специјалното јавно обвинителство. Сомневањата своја поткрепа наоѓаа, најнапред во смената на судијката Славица Андреевска, зад чие име се врзуваат бројните наредбите за претреси, како за случајот наречен „Финзи“, така и за предметот за кој подоцна ќе му се суди на битолскиот градоначалник Владимир Талески. Судијката Андреевска од место Судија на претходна постапка во Одделот за органиизран криминал беше преместена за судечки судија во Одделот за криминал -возрасни, но по стариот Закон за кривична постапка.

Слични се и сомневањата кои се врзуваат со името на судијката Весна Димишкова. Таа, од судечки судија во Одделот за органиизран криминал беше преместена за судија на претходна постапка, но токму Димишкова застана зад наредбите со кои му се дозволи влез на СЈО во Управата за државна безбедност и контраразузнавање (УБК), но и зад уште неколку извршени претреси и заплени во други случаи. Со одлуката на Михајлова, Димишкова од Органиизран криминал беше прераспоредена во Одделот за малолетници.

За поставување на судијата Седат Реџепагиќ за судија кој ќе работи во Оддеелот за прекршоции, самиот ќе каже дека тоа го доживува како своевидна одмазда, оти и тој е еден од потписниците на против тогашниот претседател Владимир Панчевски, а која што петиција беше доставена до Судскиот совет. Како и да е, заедно со Реџепагиќ, во „Прекршоци“ заминаа и судиите Марија Клетничка, Софија Гаврилова, Драган Николовски и Оља Ристова.

„Октроираниот“ годишен план за работа на судиите, а зад кој дефинитивно стоеше Владимир Панчевски не можеше да опстои, па Михајлова, до сите вработени лиферуваше кратка информација, под која ниту имаше потпис, ниту беше оверена со печат, но со која на судиите им се наложува да го прифатат годишниот план за работа од претходната година, односно оној план кој го беше сочинил Панчевски.

Потписникот на овие редови дојде до „наредбата“ и истата беше објавена, па и тој годишен план беше повлечен, а Татјана Михајлова, на седми март ќе си поднесе оставка на местото в.д.претседател на Основниот суд Скопје 1 – Скопје.

За крај, вреди да се каже и тоа дека спомнувањето на имиња на судии не е случајно и дека крајната намера е со нивно спомнување во негативен контекст тие да бидат „елиминирани“ при изборот на судии во постапките кои ќе следат.

Спонзорирано