ЌЕ ИМА ИСТРАГА ЗА ИСКАЗОТ НА КАМЧЕВ, АМА МОРА ДА ИМА И ЕПИЛОГ!

4827

Објавата на исказот мора да има разрешница од најмлалку две причини: Првата е тоа што мора еднаш засекогаш да се запре со истекување на докази, а втората за да покаже обвинителството дека спроведува закон

Љубиша Станковиќ

Исказот на Орце Камчев даден пред Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а кој пред два дена беше јавно обелоденет на „Инфомакс“ е врв на безобразлукот и на непочитување на законите.
Како новинар кој повеќе од две децении се занимава со правосудството веќе не ме интересира како тоа некоја будала објавила нешто што не смеела да го објави. Сега единствено што ме интересира е кој ќе одговара за стореното. Не за друго, туку за да бидеме сите на иста стартна позиција!
Сите се сеќаваме дека Томислав Кежаровски одговараше и беше осуден на затворска казна заради тоа што во еден негов текст, стар пет години, објавил нешто што не смеел да објави, а случајот бил во фаза на кривична истрага! Пет години подоцна! Истрага после поминати пет години?! Епа, ако можеда се одговара за текст стар пет години може и за овој!
Е и случајот „Рекет“ е во истрага, а Камчев час е оштетен во овој предмет, час е осомничен за случајот „Империја“! И објавата на исказот на Камчев мора да има разрешница од најмлалку две причини: Првата причина е тоа што ако сега не се запре со објави на докази тогаш тоа ќе стане нормална практика. Втората причина е тоа што Обвинителството треба да покаже и докаже дека доследно го спроведува законот и дека веќе нема да дозволи импровизации, дотолку повеќе што со она што беше објавено се компромитираше СЈО, а сега како да дошло на ред за компромитирање и редовното обвинителство со кое раководи Вилма Русковска!
А дека не се работи како што треба да се работи ќе ја потсетам јавноста со неколку примери. Еден од примерите е фотографија од големата судница во скопскиот Кривичен суд. Имено, кога судот не им дозволи никакво снимање на медиумите, на социјалните мрежи се појави фотографија од судењето. Првичната истрага покажа дека се работи за „замрзнат кадар“, односно за фотографија која е направена преку камерата инсталирана од судот заради службени потреби. Се покажа дека допир до камерата, односно до компјутерот има само лицето задолжено за техниката и претседателот на судот, а како за беља во тоа време претседател е Владимир Панчевски! Неговиот пријател Марко Зврлевски не излезе со резултати од истрагата, но остана сомнежот дека освен фотографија од судницата е изснесена снимка од целиот тек на судењето?! Дали е тоа навистина така веќе е и небитно, бидејќи никој не одговараше ни за фотографијата!
Следниот пример се однесува на актуелниот претседател на Владата, Зоран Заев и случајот наречен „Поткуп“! Снимката направена во неговиот градоначалнички кабинет, во Струмица, беше дел од таканаречените докази за наводниот поткуп. Велам, наводен поткуп, оти овде се зборува за стотици илјади евра поткуп, а на снимката нема да се види ниту едно денарче? И тогаш Зврлевски најави истртага за доказ кој му „испаднал“ од активен предмет и кој бил монтиран, но тој и во овој случај не откри ништо, но Заев веќе беше прогласен за виновен! Кај Заев па и брат му!
За да биде оваа приказна комплетна ќе спомнам уште нешто. Во тоа време една „генијалка“ во партискиот орган наречен „Дневник“ напиша и текст. Според неа, Заев „фатен“ во февруари, веќе во мај ќе биде и правосилно осуден на најмлаку пет години затвор. Следното утро, од една сега вработена во едно Министерство, а тогаш главна уредничка,
од мене беше побарано да напишам ист таков текст. Ја одбив наредбата, бидејќи и тогаш и сега сум на став дека не работам нарачки и дека е глупост да предвидуваш затворски казни во временски термини кои се ужасно кратки, а притоа никој да не утврди како излегла снимката во јавност!
Истата таа која го напиша текстот со кој го “испрати” Заев во затвор, пред само неколку дена го гледа истиот тој Заев во очи и го прашува за новите министри и заменик
– министри.
Мене не ме засега кои се новите ликови во Владата, ама до крај ќе инсистирам да се расчисти кој се расфрла со докази и кој ги објавува, иако е тоа спротивно на законот.
Патем, за да му помогнам на обвинителот во истрагата, ќе го советувам да почне од своите најблиски соработници, односно од оние кои имале контакт со предметот. Доколку се покаже дека нема простор за сомнеж во персоналот, тогаш веднаш да се распраша за адвокатите на Орце Камчев.
Резултат мора да има!

Спонзорирано