Истрага и притвор за разбојништво во Крива Паланка

114

Основното јавно обвинителство – Куманово донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради постоење основано сомнение дeка сторило кривичнo делo „разбојништво“ од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Осомничениот 24-годишен жител на Крива Паланка, на 4 јуни влегол во стан во сопственост на едно оштетено лице и одзел туѓи подвижни предмети со намера противправно да ги присвои. Тој во станот влегол преку незаклучена врата и од сопственикот кој бил во домот побарал пари. Оштетениот одбил да му даде пари, по што осомничениот започнал да го удира со раце и нозе по целото тело. Од ударите оштетениот се здобил со тешки телесни повреди – контузија на глава, контузија на мозок и фрактура на носот. Потоа осомничениот со нож се заканил, повторно барајќи пари од оштетениот. Бидејќи повторно не успеал во намерaта, со употреба на сила извршил пребарување низ џебовите на жртвата и одзел 370 денари, по што избегал. Судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово го прифати предлогот на јавниот обвинител и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.